За Љубчо Георгиевски новите барања на Албанците се буквално федерализација
Објавено во: Македонија 04 Февруари, 2017
Екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, вели дека албанската платформа претставување поништување на Охридскиот договор.
Георгиевски објаснува дека барањето Албанците да бидат конститутивен народ значи буквално федерација на Македонија. Вели дека сето она што е опфатено во Рамковниот договор сега е малку за Албанците.
„Јас ја читам 3-4 пати оваа платформа, ако гледаме членови и подчленови, таму има 50-тина точки кои треба ние допрва да ги решаваме како македонска држава. Чекајте сега, ако ние имаме 50 отворени точки со Албанците што треба да ги решаваме, што е сега Охридскиот рамковен договор? Јас ќе ве потсетам, ако до пред две години некој политичар во Македонија кажеше јас не го признавам Охридскиот рамковен договор, на него „ќе му се ставеше крст“ и од меѓународната јавност и од македонската јавност. Ние сега, со платформата имаме уништување на Охридскиот рамковен договор“ – изјави Георгиевски за телевизија Нова.
Според него, некои членови од платформата се суштински, како двојазичноста. Тој вели дека и меѓународната заедница не треба да молчи и треба да се изјасни дали Охридскиот договор е мртов.