Добивај вести на Viber
Од 1 септември кога беше воведена задолжницата како инструмент за наплата на побарувања, досега се издадени околу 60 задолжници на износ од стотина милиони денари, или околу 16 милиони евра. Во интервју за Утрински весник, директорот на Централниот регистар Ванчо Костадиновски објаснува дека некои од задолжниците веќе се избришани, во најголемиот дел од страна на доверителите, бидејќи се реализирале активностите.
„Но неколку, односно 3-4 задолжници се поднесени до банките на должникот и сите се реализирани, од кои само една е делумно наплатена. Таа е повлечена од доверителот и е предадена на извршител“ вели Костадиновски во интервјуто.
Според директорот, во изминатите четри години се направени големи реформи во функционирањето на регистарот, со што е зголемена евиденцијата на компаниите, стечајните постапки, како и времето за отварање и затварање на фирма. Како што информира во интервјуто директорот Костадиновски, во тек е акција за бришење на фирмите, а до крајот на месецот предвидено е од регистарот да бидат избришани околу 5.500 друштва кои не поднеле извештаи во предвидениот рок.
„Пред околу две години објавивме бројка од околу 30.000 компании кои согласно со прописите исполнуваат услови за да се почне постапка за бришење. Законот е јасен и предвидува дека компаниите кои три години едноподруго не поднесувале годишна сметка треба да се избришат.
За нив УЈП треба да направи контрола дали имале некоја трансакција или не, да се утврди дали навистина не биле активни и доколку се потврди, се известува Централниот регистар кој ќе објави на веб-страницата и ќе ги повика доверителите во рок од 30 дена да достават известување дали ќе поведат некоја од законски дозволените постапки за затворање на друштвото, стечај или ликвидација. Доколку не добиеме известување дека ќе се поведе постапка и ние ќе преминеме кон автоматско бришење на тие друштва“ објаснува Костадиновски.
Како што појаснува тој, до крајот на овој месец Централниот регистар ќе започне со бришење на друштвата,
“Околу 5.500, кои во времето кога требало да ги потврдат податоците, кога ги презедовме од судовите, не го сторија тоа, а наедно не поднесувале и годишни сметки. Нив, исто така, ги проверува УЈП, во тек е процедурата и до крајот на месецот очекуваме да ги објавиме на веб-страницата“ вели Костадиновски.
Во Регистарот на трговски друштва, во моментов се евидентирани околу 103.000 друштва, а по спроведувањето на оваа комплексна постапка, според Костадиновски се очекува бројка меѓу 70.000 и 80.000 компании.
Во 2012 се основани околу 8.100 фирми, а се затворени околу 4.600. Трендот на отворени во однос на затворени компании е речиси два спрема еден. Најголем дел, околу 6.000, се друштва со ограничена одговорност, трговци-поединци и ДОО со едно лице.