Заев: По 11 години режим, добиваме можност да ја формираме новата демократска Влада
Објавено во: Македонија 25 Февруари, 2017
Откако Централниот одбор на СДСМ едногласно го утврди лидерот, Зоран Заев за мандатар за состав на новата Влада, тој изјави дека му претставува чест што по скоро 11 години режим ќе формира демократска влада.
Заев вели дека за нив приоритет е реформска Влада за која број еден се интересите на граѓаните на Македонија.
„Рековме дека секој граѓанин е во центарот на нашето внимание. Се определивме за квалитетен живот на сите граѓани, во едно, праведно и правично општество за сите и се што правевме досега во оваа фаза на обезбедување на парламентарното мнозинство, беше водејки се исклучиво од тој интерес на граѓаните, согласно Уставот на Република Македонија“- рече Заев.
Тој доби поддршка и овластување од Централниот одбор да влезе во преговори за владината програма и за новиот владин состав.
ДУИ синоќа одлучи да му ги даде потписите за мандат на СДСМ. Со тоа СДСМ има 49 пратеници, плус десетте на ДУИ, како и осумте потписи на БЕСА и Алијансата на Албанците.
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски како мандатар не успеа да формира влада, рече дека ќе го даде мандатот на оној кој ќе обезбеди доказ за мнозинство. Но, Иванов го услови давањето на мандатот со гаранции да зачувување на унитарноста и давање гаранции за реформи во безбедносните структури.