Закани, блокади, музика, напади - евтин трик со опасни последици!
Објавено во: Македонија 05 Март, 2017
Закани, блокади, музика, напади - евтин трик со опасни последици!
Наелектризирана атмосфера предизвикана од националистичкиот бран во политичката реторика-вака политикологот Миша Поповиќ за Фактор ја опишува моменталната општествено-политичка состојба,која преку "непартиски" протести на партиски лица со изразена националистичка и заканувачка реторика може лесно да излезе од контрола. Инцидентите кои ги гледаме во изминатата недела вели се резултат на опасна реторика која главно е изградена на претпоставката дека двојазичноста претставува удар за интегритетот на државата и закана за нејзиното постоење.
“Оваа претпоставка е
неточна. Меѓутоа, иако е неточна, таа креира чувство на загрозеност,страв и
неизвесност кај луѓето што протестираат и мал дел од нив, охрабрени од тоа што
припаѓаат на поширока група, се одлучуваат да посегнат по насилство за да ја
отстранат таа замислена опасност. Притоа, опасноста се отстранува преку напади
на индивидуи кои во изминатиот период беа обележувани и стигматизирани како предавници
на македонскиот народ”- потенцира Поповиќ од
Институтот за демократија.
Состојбата вели може да ескалира доколку на насилните провокации некој
одговори.
“Оттука, исклучително е
важно полицијата да ги открие оние што учествуваат во насилните инциденти, а
јавното обвинителство да поведе постапки. Инцидентите се поттикнати и од
чувството за неказнивост. Оттука, важно е овие институции јасно да покажат дека
сите што ќе учествуваат во напади, ќе бидат брзо пронајдени и казнети”- додава аналитичарот.
Една од целите на користење на национални прашања во политичката дебата во
изминатиот период според него секако е
да се заборави на прашањата поврзани со корупција и злоупотреба на власт -
прашања тесно врзани со работата на СЈО.
“Тоа, за жал успешно се прави и ние веќе неколку месеци зборуваме за платформи, повеќејазичност. Користењето на националистичка реторика од повеќе актери во македонската политичка сцена е ефтин трик, бидејќи таквата тема во нашето општество лесно се наметнува
Но тоа што е ефтин трик не значи дека нема да има последици”- додава Поповиќ
Тајновитоста на преговорите остави премногу простор кој различни јавни лица и медиуми го пополнија со манипулации.Токму поради осетливоста на националните прашања, договореното помеѓу СДСМ и ДУИсмета дека треба посистематски да и се презентира на јавноста.
“Иако е јасно дека Собранието ја бира Владата, сепак Влада избрана без мандат ќе биде непризнаена од опозицијата (во случајов ВМРО-ДПМНЕ), таа ќе биде во правна смисла контроверзна. Оттука, дури и да е легитимно со такви чекори да се избере Влада, бидејќи како што реков, Собранието ја бира Владата, сепак постојано ќе биде доведувана под знак прашање и од опозицијата, а можеби и од Уставниот суд”- потенцира Поповиќ.
Дополнително на мета периодов се ставени и невладините организации и медиумите. Учеството на невладини организации со директна поддршка во партиска кампања вели е нелигитимно и доколку се случило тогаш тоа е проблем. Но реториката дека невладините, односно граѓанските организации се противдржавни според него е комплетно фалсификување на реалноста и спротивно на сето она што граѓанското општество го има досега сработено во Македонија.
“Ставот дека ако критикувате сте предавник е недемократски, и секојдневно ја отежнува работата на граѓанските организации преку постојана стигматизација на вредните луѓе кои работат во секторот.Меѓутоа, Стоп операција Сорос не успеа да изнесе убедливи докази за тоа ниту пак државните органи ги завршиле истрагите за да извлечеме таков заклучок. Напротив, Стоп Операција Сорос многу повеќе се занимава со експлоатирање на десничарскиот бран против Џорџ Сороc во Америка, за да запре понатамошна поддршка на USAID за граѓанското општество во Македонија”- објаснува Поповиќ.
Откако ќе се смири состојбата, нашето општество како што вели повторно ќе треба да троши време на консолидација, поради разбудените националистички духови. На дел од граѓаните, на пример, ќе треба да им се објасни дека не постои никаква штета од двојазичноста, завршува Поповиќ.