Жан Митрев за Филан: Тоа не е мојот син!
Објавено во: Македонија 11 Септември, 2020
„Тој не е мојот син“, вели кардиохирургот Жан Митрев за А1 он, по објавувувањето на информациите дека 25-годишниот Филан Митрев лани во ноември e уапсен за планирање терористички напад врз клучни објекти низ Германија, а за акцијата набавил и хемикалии за правење бомба.
Секој човек на 25 години одговара за своите постапки, додал Митрев.
Од ваквата изјава на сопственикот на клиниката „Жан Митрев“ останува нејасно дали тој се откажал од неговиот син или пак во целост демантира било каква поврзаност со лицето кое се сомничи дека е дел од терористичка организација.
Групата од три момчиња, која ја водел Филан, беше уапсена во ноември 2019 во обид да извршат напад во кој би убиле што повеќе „неверници“. Германските медиуми го користат примерот како доказ дека жртви на радикалните групи не се само млади кои потекнуваат од сиромашни семејства.
Започна судскиот процес во Франкфурт во кој обвинет за тероризам е германскиот државјанин Ф.М. инаку родум од Македонија. Вака изминатава недела почнаа да известуваат дел од германските медиуми за случајот во кој минатата година, во ноември, уапсени беа три лица на возраст од 24, 22 и 21 година од кои останатите двајца биле од Турција.
Веста за акцијата на германската полиција беше пренесена своевремено и од македонските медиуми, но не привлече големо внимание во јавноста. Сега, десет месеци подоцна, оваа вест добива нов агол откако германските медиуми објавија дека организаторот на нападот што требало да се случи во Франкфурт, Филан Митрев, потекнува од угледни родители, а неговиот татко е сопственик на приватна Клиника за кардиохирургија во Македонија.