Добивај вести на Viber
Занаетчиите од струшките рурални средини, посебно за дефицитарните занимања и занаетите кои се во изумирање нема да се плаќа комунална такса, одлучи Општина Струга. Според секретарот на општината Зоран Гулицоски, одлуката во која е прецизирано кои занаети се ослободуваат од одредени плаќања претставува стимулативна мерка за заживување на занаетите во овој регион.
„Се работи за стари занаети во изумирање, а тоа се ковачите, грнчарите, лимарите, казанџиите, копчарите, свеќарите, крзнарите, шапкарите, изработувачите на сувенири односно ракотворби, јорганџии, опинчари и саатчии. Независно каде работат, во Струга или во кое било друго населено место во општината, овие занимања се утврдени во групата на дефицитарни занаети и се ослободуваат од плаќање на комунална такса“, објаснува Гулицоски.
Во одлуката се опфатени и пасивните места во општината како што се селата Јабланица, Модрич, Дренок Луково, Нерези, Пискупштина, Биџево, Присовјани, Збажди, Поум, Богојци, Локов, Буринец, Селци, Мали Влај, Горна Белица, Мислодежда и жРжаново чии занаетчии се ослободени од плаќање на комуналната такса и соодветен данок. Занаетчиите велат дека мерките се добредојдени, но објаснуваат оти им е намален обемот на работа, а од друга страна и младите не покажуваат интерес да ги продолжат занаетите.
„Во изумирање се занаетите бидејќи никој не доаѓа да побара да учи, да ги продолжи. Мене ми помага синот, но досега никој не побарал да учи занает“, вели лимарот Ванчо Стојкоски.
Одлуката за ослободување комунална такса на занаетчиите од руралните средини била донесена уште пред две години, но на барање на Владата на Република Македонија преку Советот на Општина Струга со неа точно се утврдени и таканаречените пасивни места и дефицитарните занаети, а е предвидено и ослободување од надоместокот за електрична енергија во местата каде што нема улично осветлување.