ЗАВРШЕНИ СЕ ПОТРЕБНИТЕ ПРОЦЕДУРИ: Полицијата веќе почна со организацијата на екстрадицијата на Палевски
Објавено во: Македонија 30 Април, 2024
Полицијата веќе почна со организацијата на екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес.
Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР е известен дека се завршени потребните процедури за овој случај и во координација со турската полиција се преземаат мерки за организација на преземањето на лицето и негова екстрадиција во Македонија. Турските власти денеска соопштија дека е дозволена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо.
„Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи. По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување“, соопшти попладнево ЈО.
Палевски е во екстрадициски притвор во Турција, каде беше приведен по распишана потерница. Тој е првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања и велешанецот Панче Жежовски, односно за две кривични дела „грабнување“ и две кривични дела „убиство на свиреп начин“.