ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА – Живко Мукаетов: Наместо за непродуктивни политички теми да се обединиме за подобра економија
Објавено во: Македонија 31 Декември, 2020
Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања во следната година.
Живко Мукаетов е генерален директор на Алкалоид, компанија меѓу најуспешните во земјава, лидер на домашниот и на регионалниот пазар. Мукаетов вели дека најдобрата лекција која ја научивме во текот на оваа кризна година е да го цениме она што го имаме, да се радуваме на малите нешта. За сите посакува добро здравје, за државата подобра економија.
„Сите со нетрпение ги одбројуваме последните денови од годината која ги промени нормалните текови на човештвото. Windows ѝ порача “Delete“, Adobe ја нарече “Ctrl+Z” а Youtube предложи “Unscribe”. Како во филмско сценарио, борбата со непознат и опасен вирус стана наша нова реалност. Ваква пандемиска криза, досега не е опишана во ниту една бизнис литература, па буквално преку ноќ, сите ние моравме да најдеме алтернативни начини на функционирање. На почетокот, професионалните одлуки беа базирани на обиди и грешки, што можеби нѐ натера да излеземе од зоната на комфорот, внимателно да ги анализираме сите ризици и да дејствуваме паметно. Светските економски експерти прогнозите за 2021 ги ставаат во сенка на колективниот имунитет на вирусот и очекуваните ефекти од вакцините, а сѐ додека не се искалкулираат загубите кои економиите ги имаат претрпено во текот на овие десет месеци од годинава во која најчесто употребувани зборови беа „можеби“ или „веројатно“ – сите предвидувања ќе имаат предзнак на релативност.
Најдобрата лекција која ја научивме во текот на оваа кризна година е да го цениме она што го имаме, да се радуваме на малите нешта, да веруваме во себе и да се потпираме на своите способности. За мене лично, поддршката од семејството особено во вакви околности е непроценлива. Би посакал само да нѐ послужи доброто здравје! Начинот на функционирање на моето семејство не се разликуваше многу во однос на пред-Ковид периодот, но ако го прашате остатокот од семејството што е она што им недостасувало во 2020, одговорите дефинитивно би биле патувањата, училишните и вонучилишните активности, повеќето заради детската дружба! Но, како и секоја криза, ниту оваа не може да трае вечно и искрено се надевам дека во блиска иднина повеќе ќе се радуваме на старите добри нормални текови.
Во однос на она што би посакал да се исполни на ниво на држава, првенствено би ја издвоил подобрата економија. После помината исклучително тешка година на секој можен план и сите лекции кои ги научивме како приватно така и професионално, сметам дека фокусот во сите сфери на делување на државата треба да се сврти кон економијата и обезбедување на подобар животен стандард за сите македонски граѓани. Наместо да се занимаваме со непродуктивни политички теми и разни формалности занемарувајќи ја суштината, политиката и бизнисот би требало да се обединат околу создавање на достоинствени и подобри економски прилики во државава.
Во Алкалоид пак, бевме свесни дека на ваква здравствена криза ѝ е потребен човечки одговор. Сфативме дека не смееме да подлегнеме на наметнатата изолација па пронајдовме алтернативни начини за одржување на залихите на производи, комуникација со колегите, соработниците и имателите на удели. Покажавме солидарност и емпатија едни кон други, ги мобилизиравме сите ресурси и се адаптиравме на промените во сите аспекти. Секако, не заборавивме и на заедницата и во многу наврати годинава ја потврдивме нашата општествена одговорност. Во вонредни околности, ја комплетиравме започнатата инвестиција во нови фармацевтски капацитети и извршивме конверзија на SAP/ЕRP системот во SAP S/4HANA а реализиравме и дел други помали инвестиции. Функционирањето во фармацевтските индустрии и во нормални услови се одвива во специфични околности, но дополнителен предизвик годинава ни беше да имаме здрава работна сила и безбедни процеси. Иако обременети со многу тешки искуства, посакувам во годината на алкалоидовиот 85 годишен јубилеј да се радуваме заеднички на нови успеси, нови повисоки достигувања и ЗДРАВЈЕ пред сѐ, вели Мукаетов за Фактор.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.