Зголемено производството на кондиторската индустрија
Објавено во: Економија 01 Април, 2013
Кондиторската е една од ретките индустрии која одлично се снајде по либерализацијата на пазарот. Го зголеми производството за 250 проценти, агресивно настапува на надворешниот пазар, а и од домашниот ја истисна странската конкуренција.
Сепак, како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, последиците од глобалната економска криза се чувствуваат и во овој сегмент. Кондиторските фирми лесно продаваат, но потешко наплаќаат, а имаат проблем и со обезбедувањето средства за модернизација на производството, особено малите и микро претпријатијата. Ситуацијата дополнително ја комплицираат и долготрајните чекања при контролата на суровините, од земањето на мострите за анализа до добивањето на резултатите не ретко минуваат и по 40 дена.
- Поради долгите чекања на резултатите од анализираните пратки, компаниите се принудени да увезуваат повеќе репроматеријали што финансиски ги оптоварува, но им ги полни и магацините. Во записниците, пак, најчесто не пишува кога е земена мострата, ниту во која лабораторија се испитува, рече Васко Ристовски од Комората.
Според него, евидентен е и проблемот со различните лимити за микотоксините. Во ЕУ, дозволената концентрација на охратоксинот А (зависно од производот) е до 3 микрограми, а кај нас до 5. Забуна настанува и со дел од означувањата, ако во документот стои „цртичка“, не се знае дали не треба да се испитува или не смее да содржи какви било микроорганизми.
- Се уште немаме точни бројки за евентуланите загуби на компаниите, но апелираме на потребата од скратување на времетраењето на постапките за земање мостри и правење анализи, истакна Ристовски.
Од 1996 година, со почетокот на либерализацијата на пазарот, македонската кондиторска индустрија стагнира, покажа значителен пад на производството, за речиси половина, од 33.000 тони годишно на 12.000 тони. Значајни промени почнаа во 2005 година. Од тогаш до сега продукцијата е зголемена за 2,5 пати. Тоа се одрази и врз трговската размена.
- Во 2011-та размената беше 40.000 тони од кои 21.000 тони увоз (70 милиони долари), а 22.6000 тони извоз додека лани достигна вкупно 44.000 тони од кои 18.000 тони увоз (61 милион долари) и 26.000 тони извоз, рече Стојмирка Тасевска, виш советник во Стопанската комора.
Кондиторската индустрија во Македонија вработува вкупно 1.200 лица, а ја соочинуваат 65 фирми од кои главно мали и микро препријатија. Извозот најчесто се реализира во земјите од соседството, но веќе и во Турција, САД, Австралија, Швајцарија.