ЖИТЕЛ НА РАМНО: Завеани и отсечени сме од Нова година
Објавено во: Македонија 18 Јануари, 2017
Жител на селото Рамно во општина Старо Нагоричане раскажува дека во новата 2017 година цело време се отсечени и завеани.
Во селото има 8 куќи со по два тројца жители. Овие луѓе во новата година мака мачат да купат храна и лекови. Велат дека одат пешки до селото Драгоманце, а ако еден успее да стигне до Куманово купува лекови и она што е потребно за сите други. Во овие тешки услови се солидаризираат. Овие жители мака мачат и секој ден се надеваат дека кај надлежните ќе проработи свеста дека е неопходно патот да се исчисти
„Ние продавница немаме, и завеани сме скоро месец дена. Ако живееме во село и ние сме луѓе. Патот не го чистат и еве недела дена пуштаат наводно машини, ама пак не е чисто и е непроодно. Вака е секоја година, не само сега. Пред две или три години се случи 40 дена да сме отсечени поради снег. На телевизија ова не го кажуваат, туку зборуваат дека сите патишта биле проодни. До Драгоманце за да се стигне имаме 4-5 часа одење пеш. Јас купував лекови за луѓе од селото и сега треба да им ги однесам. Едноставно никој не те гледа и тоа е, а за избори иако сме малку гласачи доаѓаат“ - вели Заре Јордановски од Рамно.
Тој раскажува дека слично е и во другите села како што е М'гленце, каде има и деца и неизвесно е дали наставата ќе почне деновиве.
„Кај нас има млади, но нема мали деца, а кај нив има и не се знае како ќе почне настава. Пред неколку години се случи родители од селото седум часа да одат пеш и на раце да го носат детето за да одат на лекар. Има големи наноси“ - додава Јордановски.
Од општина Старо Нагоричане велат дека моментално се работи на патен правец Арбанашко - Рамно, но дека чистењето е отежнато затоа што се работи за непристапен терен.
Селото се наоѓа на 40-тина км оддалеченост од Куманово.
Сања Атанасовска