Знае ли каде тера Штериев?
Објавено во: Финансии 01 Април, 2019 08:40
Македонската берза ја организираше дваесетата по ред меѓународна конференција, од кои 15 директно под палаката на Иван Штериев, затоа што и толку години Штериев е прв човек на оваа институција. Бројката е респектибилна, но само доколку на Берзата кор бизнис и беше организирање на настани од меѓународен карактер. Секогаш се поминува во најдобар ред, достоинствено, одмерено, без потреси и скоро секогаш со присуство на првите луѓе од фискалната и монетарнта сфера. Но тоа е, секоја година исто, безлично, без јасен став, без напор нешто да се промени да се разбуричка финансиската „жабокречина“ на пазарот на капитал, без интерес да заживеат пазарите на капитал, каде А.Д. Македонска берза за жал е единствениот правен субјект кој го организира овој пазар.
Колку и да се сака да се издвои нешто различно и нешто што ветува промена, нема да се најде. Нема свежина, нова енергија, нова надеж, а камоли тема за нов материјал на тргување.
А извршниот директор Иван Штериев годинава повторно во
свој елемент, но по концепт идентичен на претходните. Да се слика до
највисокиот функционер на извршната власт. Овој пат нормално тоа е Зоран Заев.
И претходно се сликаше и седеше на конференциите на берзата, но тогаш беше до Никола Груевски, во време кога тој беше
претседател на Владата.

Има ли разлика во третманот на пазарот на капитал меѓу актуелната и претходната влада?
Актуелната влада предложи, а Собранието одобри да се зголеми за 50 отсто данокот што инвеститорите го плаќаат на дивидендата односно на приносот од вложувањата за кои секако претходно плаќале данок. Оваа влада го зголеми и данокот од 10 на 15 отсто. И тоа е легитимно, таа е фискална власт и според нејзините математики тоа е најдобро решение за нејзината „главоболка“ буџетот. Но пак тука е Штериев кој како прв човек, организатор на пазарот на капитал директно е засегнат и не само тој, туку сите негови членки од кои тој генерира провизии. Доблесно беше јавно да праша, да искритикува, да понуди решение. Му исчезна исклучително ликвидна хартија од вредност од пазарот, акцијата на Топлификација, има силни сомнежи дека таму нешто „смрди“, но тој си молчи. И во А.Д. Скопски пазар од авион се гледа дека таму не е нешто како треба, дека на тој начин му се уништува квалитетен производ за тргување, но и за тој случај си молчи, не е во негова надлежност и нормално формално ги запазува законските обврски за да нема кои да му „мрчи“ иако под формата се уништува суштината. Мислам дури и Премиерот се збуни од тоа колку „меко“ помина на годинашнава конференција, иако сум сигурен дека тој повеќе се подготвуваше квалитетно да одговори на „незгодните“ прашања одколку што Штериев имаше намера да ги вкрсти ставовите за што секако дека има аргументи ЗА.
Но во тоа е проблемот, не е ништо поразлично од порано, или како што некои милуваат да кажат, се е исто само него го нема. И кога беше Груевски прикаската беше идентична. Комисијата за хартии од вредност во времето на владењето на Груевски и наметна на Македонска берза толку големи давачки што Берзата одвај врзуваше крај со крај. И тогаш, и покрај фактот што силно му го „тепаа“ бизнисот, Штериев си молчеше и си го канеше тогашниот премиер на неговите годишни манифестации и нормално како што го личи, испраќајќи го со аплауз. За воља на вистината „Фактор“ и во тоа време прашуваше и се интересираше за силните удари кои и се задават на Берзата. Коментари не добивме. За воља на вистината и за среќа на пазарот на капитал овој состав на КХВ ја укина таа ненормална давачка, али не поради Штериев туку поради разумноста на новото раководство на оваа институција.
За жал, Штериев остава впечаток на човек што не се меша во својата работа. Зборува за индекси, трендови, антиципации, коефициенти. Зборува за работи кои не се приоритетни. Па видете му ја кованицата на панелот 2: 2019 – Година на обврзниците! Неможејќи да го заживее пазарот, помош ќе бара во државата да му биде маркет мејкер. А каде го има тоа? Во која пазарна економија државата е главен или единствен маркет мејкер? Знае ли Штериев каде ја тера работата?
Знае ли Штериев каде го тера возот што треба да биде локомотива на финансиските пазари, кој пак се крвотокот и силата на економијата? Сеуште на берзанската „тезга“ главни продукти се пет-шест блу-чипови повеќе од десет години. Нема нов продукт. А не па да има бестселер продукт. Удобно укотвен во сопствената фотеља, Штериев единствено остава впечаток на човек што ги штити интересите на неколкумина големи банкари кои чуваат милијарди евра народни пари, а во името на организатор на пазарот на капитал истиот го остава на милост и немилот на не заинтересираните за него.
А европските банкари пред само три четири дена тука во Скопје побараа нови финансиски инструменти со кои ќе се зголеми изборот на форми на финансирање на бизнисите , ќе се зголеми ликвидноста и олесни начинот на меѓусебното плаќање. Штериев, нормално на ова ќе одговори, тоа барање не е во моја надлежност, јас се грижам за интересите на моите акционери.
Во секој случај го оставаме Штериев да ужива во својата конференциско организациска рутина во Охрид. Малите инвеститори и ретките институционални инвеститори за среќа од оваа година имаат и нова можност, своите слободни финансиски средства да ги пласираат и на надворешните финансиски пазари. Математиката секој ќе си ја прави сам за себе. Јас само сакам да укажам дека опортунистичкото менаџирање на пазарот го убива и пазарот и инвеститорите и институциите и инструментите. Од нив немаат интерес ниту оние кој доаѓаат на добро организираните конференции.

Сакаме и следната година да видиме организација на меѓународна конференција на ниво на која само Штериев знае да ја подготви, но исто така сакаме да видиме како првиот човек на Македонска берза немилосрдно се бори со предизвиците кој се исправени пред него, бара решенија за заживување на пазарот на капитал, нуди предлози за зголемување на атрактивноста, понудата на инструменти, влез на институционални инвеститори и сето тоа со ангажман за допрецизирање на недоречената законска легислатива која пазарот на капитал го прави таков каков што е.
На тој начин сите оние кои досега учествувале на годишните конференции, а се директни учесници на пазарот на капитал повеќе ќе се израдуваат, затоа што така ќе има и за нив и за Берзата, пресметано во повеќе нови емисии, поголем материјал за тргување, поголем интерес за тргување, и поголеми прилив на име провизии.
Александар Кузмановски/ Р.Ф.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
„Буџетот не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност“: Димитриеска Кочоска од Собранието
СКОПЈАНИ „ДО ГУША“ ЗАДОЛЖЕНИ ЗА ДАНОК НА ИМОТ: На градот му должат над 36 милиони евра
МФ: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5%, рочноста 2 години
Цена на златото во 2026 година: Дали историскиот пораст ќе продолжи?
ДАЛИ БИ ПРИФАТИЛЕ ВАКВА ПОЗИЦИЈА ЗА ПЛАТА ОД СКОРО 53 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ? ПИОМ е во потрага по раководител
ЕВЕ КОЛКУ ЗАРАБОТУВААТ ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЛИДЛ - не залудно е оценета како најдобра компанија
Бакарот руши рекорди: Што стои зад ненадејниот скок на цените?
Хрватите ги открија најпрофитабилните професии со и без факултет: „Земаат до 4.000 евра месечно“
Важно за сите што патуваат со авион: Оваа услуга на аеродромот е драстично поскапа





