„ЗОШТО ДА СЕ ЗАДОЛЖУВАМ НА ‚СИТНО', КОГА МОЖАМ ДА КУПАМ КОЛА ИЛИ СТАН“ - растат станбените и потрошувачките кредити, еве што преферира Македонецот
Објавено во: Финансии 28 Јануари, 2025
Дали Македонците решија дека не сакаат да се задолжуваат за некои небитни дневни трошења, туку само за нивни лични и семејни инвестиции.
Таква нивна амбиција покажуваат податоците на Народна банка на Македонија, кои се однесуваат за крајот на минатата година, и низ кои може да се направи убава споредбена анализа за што конкретно преферира да се задолжува населението во земјава.
Бројките се за декември минатата година, кои се последните показатели на централната банка, и од нив може да се види дека македонскиот граѓанин се повеќе избегнува да ги користи минусите на тековните сметки и кредитните картички, кои, пак, патем, ги имаат и убедливо највисоките камати.
Наспроти тоа, нашиот човек се повеќе преферира да зема заеми за станбен кредит, што значи за решавање на станбеното прашање, или, пак, потрошувачки кредит, кои, пак, главно се земаат или за купување на автомобили, или за бела техника, или за други многу посуштински потреби отколку за обичната дневна потрошувачка. Иако, има и такви случаеви во овој дел на кредитирањето кога одреден граѓанин зема потрошувачки кредит со цел да затвори неколку кредитни картички, и да ја намали зависноста од трошење, а преку потрошувачкиот кредит да има и многу поголема едноставност и прегледност при отплататат на ратите.
Да ги видиме бројките на НБМ.
На крајот на декември минатата година, македонските граѓани најмногу должеле кон нашите банки по основ на потрошувачки кредити, и тоа 2,095 милијарди евра. Ова е зголемување за 27 милиони евра во однос на еден месец претходно, односно во споредба со крајот на ноември минатата година, што значи дека толку нови потрошувачки кредити зело населението за период од еден месец.
Во однос на крајот на декември 2023 година, пак, потрошувачките кредити се зголемени за дури 146 милиони евра, бидејќи тогаш изнесувале под две милијарди евра, односно биле 1,949 милијарди.
Иако се уште се помали како обем, станбените кредити растат побргу дури и од потрошувачките. Па така, на крајот на декември 2024 година граѓаните по основ на станбени кредити должеле 1,535 милијарди евра. Тоа во споредба со ноември говори дека граѓаните за еден месец зеле станбени кредити од нови 34 милиони евра, а дека растот на станбените кредити континуирано расте, говори и фактот што пред точно една година претходно, односно споредба декември 2024 со декември 2023 година, населението влегло во нов станбено кредитен долг од дури 171 милиони евра.
Дека Македонците не жалеле пари за стан говори и фактот што, за разлика од другите пазари на недвижности во Европа и светот, во земјава уште драстично расте цената на станбениот квадрат.
За разлика од овие два типа на кредити, се повеќе се намалува задолженоста по основ на кредитни картички и минуси на тековни сметки.
Или, на крајот на декември лани граѓаните по основ на кредитни картички должеле 145 милиони евра, што е за три милиони евра помалку во однос на еден месец претходно, и намалување за дури 15 милиони евра во однос на една година претходно, односно споредено со декември 2023 година.
Минусите на тековните сметки уште повеќе одат надолу, па на кртајот на минатата година се свеле на само 93 милиони евра граѓански долг по тој основ, што е голем пад за 15 милиони евра за само еден месец.
И, другите кредити во последниве месеци се движат на некое стабилно ниско ниво од околу 25 милиони евра, со тоа што се намалени за 4 милиони евра во однос на една година претходно.
А, од НБМ го даваат следниов преглед.
„Во декември, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, е остварен месечен раст од 1,3 и 2,3 отсто, соодветно, во услови на годишен раст од 7,5 и 12,5 отсто, соодветно. Автомобилските кредити, овој месец, се намалени за 2,9 отсто на месечно ниво, при годишен раст од 4,7 отсто. Во декември, кредитите одобрени на кредитните картички, бележат месечен и годишен пад од 1,9 и 9,2 отсто соодветно, додека негативните салда на тековните сметки се намалени за 13,5 и 4,4 проценти на месечна и годишна основа, соодветно. Кредитите одобрени врз други основи се зголемени за 0,2 отсто на месечна основа, при годишен пад од 12 проценти“, се вели во објавата од монетарните власти.
Н.Н.Ф.