Зошто „Газпром“ најскапо го продава гасот во Македонија?
Објавено во: Економија 01 Февруари, 2013
Во текот на 2012 година, руската енергетска компанија Газпром својот природен гас најскапо го продавала во Македонија, Полска, Босна и Херцеговина, Чешка и Бугарија, наведува весникот „Известија“.
Во текстот стои дека цените по кои рускиот гас се продавал во Македонија и Полска биле на највисоко ниво од 2009 година. Додека просечната цена на гасот за европските земји изнесувала 413,1 долари за 1.000 метри кубни, во првите шест месеци од минатата година Македонија истото количество гас го плаќала по 564,3 долари, Полска по 525,5 долари, БиХ по 515,2, Чешка по 503,1, а Бугарија по 501 долари, наведува рускиот весник.
Според аналитичарот на ИФД „Капитал“, Виталиј Крјуков Газпром најскапо го продава својот гас во оние земји кои немаат алтернативни извори за достава на енергенсот.
Македонија и БиХ целосно зависат од Газпром во испораката на гас, Бугарија дури 90 проценти од своите потреби ги задоволува од рускиот гигант, а Полска над 60 отсто, пишува „Известија“.
Весникот наведува дека по ланските рекордни цени, оваа година гасот на Газпром ќе поевтини за речиси 14 проценти, но во исто време компанијата ќе забележи раст на продажбата од осум отсто.
За 2013 година се очекува цените на гасот да бидат за речиси една четвртина пониски во однос на нивото од првите шест месеци од минатата година. Така, во Македонија гасот би се продавал за 497,5 долари за 1.000 метри кубни, додека за споредба во Грција истото количество на енергенсот би чинело 427,2 долари. Лани Грција набавуваше гас од Газпром по цена од 476,7 долари.„Известија“ пишува и дека Газпром бил принуден да направи отстапки во утврдувањето на цените на гасот во текот на процесот на услоглување на ставовите околу реализацијата на проектот за изградба на гасоводот „Јужен Тек“.