Зошто Нухиу ги врати разрешените полициски кадри?
Објавено во: Македонија 05 Февруари, 2017
Aктуелниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу ги вратил на старите позиции 11 раководители во МВР, кои министерот Оливер Спасовски претходно ги разреши.
Нухиу појаснува дека не станува збор за негови одлуки за разрешувања на раководители и именување на другу лица на нивно место, туку дека истекол преодниот период за кој биле именувани раководителите согласно Договорот од Пржино, па автоматски се вратила кадровската состојба пред Пржино.
„Сакаме да прецизираме дека доаѓањето на заменик министерот Албанец, Агим Нухиу на чело на МВР и заминувањето на Оливер Спасовски од СДСМ и Оливер Андонов од ВМРО беше резултат на Договорот од Пржино. Останатите раководители именувани, според Договорот во Пржино, имаа решенија за преоден период. Да не беше вака, сигурно би имало и други кадровски измени“-објави Нухиу на Фејсбук.
Министерот Нухиу вели дека чекорот го презел со цел МВР да функционира нормално и да се гарантира безбедноста на граѓаните на Македонија.