Добивај вести на Viber
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во саботата на патниот правец Дуброво - Кичево, од три лица, одземала 232 тегли без соодветни ознаки со непозната супстанца, кои се продавале како мед.
Според соопштението од АХВ, по извршената инспекциска контрола од официјалниот ветеринар, земени се мостри за испитување, а едно од лицата е познат сторител на ваков прекршок, односно и досега е казнувано за истото дело.
Согласно законските и подзаконските акти кои ја регулираат безбедноста на храната, казната за фалсификување мед изнесува 5.500 евра во денарска противвредност.
По дојава од граѓанин, како што е наведено, во соопштението од АХВ, истиот ден инспекциските служби на Агенцијата, од државјанин на Република Албанија, на пазарот во Кичево, одземале ветеринарно – медицински лекови шверцувани од Албанија, кои тој ги продавал без соодветна декларација.
Станува збор за 50 дерма спрејови, 1.000 таблети „албендозол“, 10 шишиња „евита селен“, девет шишиња антибиотик „пенстерп“ и едно шише хормон „окситоцин“. Одземени се и две шишиња вакцина против клостридиум, две вакцини за мали кучиња и прашок и вакцини за гулаби.
Одземените ветеринарно - медицински лекови ќе бидат уништени.