„АКО УШТЕ ПРИ ПРИЕМОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО ООН ЈАЗИКОТ Е ВПИШАН КАКО МАКЕДОНСКИ, КАКО ТОГАШ ТОЈ СТАНА ДЕЛ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР?“ Професорот Дескоски ги открива двете клучни заблуди за Преспа

Објавено во: Македонија 04 Јули, 2025 07:20
Проблематизирањето на македонскиот јазик деновиве, стана тема за анализа на академската фела. Овој пат се огласи професорот Тони Дескоски, кој тврди дека сега се откриваат двете клучни заблуди за Преспа.
„ДВЕТЕ КЛУЧНИ ЗАБЛУДИ ЗА ПРЕСПА!
Случувањата во Европскиот парламент во врска со македонскиот јазик, уште еднаш не соочија со реалноста во која се наоѓаме, а која воопшто не е розева. Но, исто така, на површината испливаа две заблуди кои постојат во нашата јавност за дострелот и ефектите од Преспанскиот договор, кои буквално го парализираа нашиот прогрес кон членство во ЕУ.
Првата заблуда е создадена од преговарачите на Преспа, а со јасна цел да прикажат дека нашата страна добиле нешто со овој Договор (освен симнувањето на Грчкото вето за ЕУ и НАТО). Таа заблуда е дека со Преспа „се потврдил“ македонскиот јазик во нашата лична карта во ОН. Напротив, во ОН уште од приемот на нашата држава во 1993 година, во личната карта на нашата земја службениот јазик си беше именуван како „македонски“. Тоа е така затоа што македонскиот јазик никогаш и не бил дел од т.н. „спор за името“. Знаме во ОН немавме до 1995 година, затоа што Сонцето од Вергина беше дел од спорот за името. По одрекувањето од спорниот симбол од наша страна во 1995 година, личната карта на Македонија во ОН се смени и беше впишано новото знаме. Остана спорно само името ( а не и јазикот и знамето).
Здраворазумски се поставува прашањето: ако уште при приемот на Македонија во ООН јазикот е впишан како македонски, како тогаш тој стана дел од Преспанскиот договор? Зошто е преговарано за него? Се чини дека нашите преговарачи на Преспа, свесни дека со Договорот нашата страна само дава, а за возврат го добива само она што веќе го имавме со Времената спогодба од 1995 година, морале да измислат уште нешто што ќе добиеме. За тоа го избрале „македонскиот јазик“, иако тој не беше дел од спорот и веќе беше впишан во личната карта во ОН како македонски. Ако ги погледнете јавните изјави на релеватните фигури од времето кога е склучена Преспа, ќе најдете безброј изјави дека „македонскиот јазик бил потврден“, небаре Грција го спорела, па тие издејствувале признание. Истите тие беа ужаснати дека признанието на македонскиот јазик во Преспанскиот договор е декларација на Грција, која не ја обврзува Бугарија. За среќа, Бугарија нема моќ (а ни поддршка) во ЕУ, а ниту во било која меѓународна организација да издејствува преименување на македонскиот јазик. Има право да се противи, и тоа да биде нотирано. И толку.
Да резимирам, Преспанскиот договор не донесе никаква промена во поглед на македонскиот јазик во личната карта на земјава во ОН. Состојбата си остана иста како претходно, исто како за знамето. Во личната карта на земјава во ОН само се впиша новото Уставно име: „Република Северна Македонија“. Тоа е така зашто нашата Влада ги извести ОН за новото име кое ќе го користи, по изгласувањето на уставните измени.
Втората заблуда е дека Преспанскиот договор е последниот компромис кој го правиме со членките на ЕУ, пред нашиот прием во Унијата. И оваа заблуда е пласирана од преговарачите на Преспа и на Билатералниот договор за добрососедство со Бугарија, свесно и намерно. Еден шеф на дипломатијата не може да не знае дека кога склучува билатерален договор со Бугарија, во кој Бугарија се одрекува само од ветото за членство во НАТО, а не и за ЕУ, всушност на Бугарија ѝ го „запечатил“ правото за вето во ЕУ. И дека во иднина може да очекува барања за ветото да не се активира. Ако не знаел, тогаш е комплетен идиот кому местото не му е на чело на дипломатијата на една земја. Нашиот шеф на дипломатијата прво ја лажеше својата јавност дека Бугарија нема право да ни стави вето за ЕУ, а кога ветото беше ставено, лажеше дека Бугарија всушност го прекршила Билатералниот договор за добрососедство. И ја впрегна целата дипломатија во „битка“ против „нелегалното“ Бугарско вето. И доживеа дебакл, при што за жал, поранешниот премиер Бучковски како пратеник на Премиерот во Софија доживеа жестоки дипломатски шамари и понижување од Бугарскиот премиер Борисов и шефицата на дипломатијата Захариева на оваа тема.
Еврокомесарката Марта Кос изречно на сред Скопје ни кажа дека најдобрата шанса за зачувување на македонскиот јазик ни е преку членство во ЕУ, при што направи паралела со успешната приказна на нејзината земја, Словенија. И дека патот до ЕУ ни е единствено преку исполнување на сите наши веќе преземени обврски кон Бугарија и кон ЕУ. Што ќе рече: не сме направиле доволно за членство во ЕУ. Треба уште. Уставната измена, чија содржина е договорена со ЕУ е првиот чекор, само прва обврска на списокот. Во текот на преговорите ќе се отвораат и исполнуваат и другите обврски од листата на Бугарија. Но, листата е затворена и нема да има додавки и дополнувања. Она што Францускиот пакет ни го донесе нам како добивка е разбивањето на „Бугарскиот пакет“ на два сегменти: Првиот, уставната измена која треба да се спроведе веднаш и Вториот, кој ќе започне со исполнување по суштинското отворање на ЕУ преговорите, а мора да биде целосно исполнет пред нашето зачленување во ЕУ. Алтернативата беше целиот пакет да го исполниме однапред, па да ни се отворат суштинските преговори за ЕУ членство. Јасно е дека втората опција за потполно исполнување однапред е многу потешка за нас.
Ова е суровата вистина во која живееме. Од неа јасно се гледа кој е изборот што го имаме“, напиша тој.
Можеби ќе ве интересира
ИНФОГРАФИКА ЗА ЈАЗИЦИТЕ НА БАЛКАНОТ СОЗДАДЕ БУРНА ДЕБАТА:Македонскиот јазик на удар од Грци и Бугари!

ФИЛИПЧЕ ПОТВРДИ ДЕКА ИМА ЗЛАТНА ВИЗА ЗА ДУБАИ: Еве како ја добил

ДВЕ ИМИЊА И СЕ ПОЗНАТИ НА ЈАВНОСТА, ЗА УШТЕ ДВАЈЦА СЕ РАЗМИСЛУВА: Ралев и Шукова можни кандидати на СДСМ за Скопје

„ОЧЕКУВАМЕ ВАЛКАНА КАМПАЊА“: Апасиев вели за изборите ќе се истурат многу пари

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Напаѓачот на Данела Арсовска од куќен е однесен во ефективен притвор

Филипче: Владата сака да биде најдобриот ученик, а за сега има само единици

АРСОВСКА: Чешко државјанство имам од раѓање, родителите не можам да си ги изберам
