Аман во Собрание по поевтина струја и парно; Пратениците со нив, Регулаторот контра!
Објавено во: Економија 07 Февруари, 2013
„Македонија како земја е потписничка на Договорот за енергетска заедница и не може да преземе еднострани чекори бидејќи во него е одреден начинот на наплата на електричната енергија на заедничкиот европски пазар кон кој се стреми и Македонија. Повторното враќање на ефтината дневна тарифа ќе значи дополнително оптоварување на нашите електрани или пак дополнителен увоз на скапа електрична енергија што во краен случај ќе придонесе на зголемување на цената на електричната енергија“, опонираше заменик министерот Делев.Пратеникот Газмен Алии од ДПА во реплика му посочи дека методологијата за цената на електричната енергија треба да се усогласи со животниот стандард во Македонија и додаде дека останатите земји од енергетската заедница имаат повисок стандард од Македонците. Претставникот на АМАН Горан Трајков, пак, посочи дека пазарот во Македонија се уште не е либерализиран поради што земјата не е должна да ги применува директивите на енергетската заедница во целост. Тој побара Собранието да утврди правила кои Регулаторната комисија ќе мора да ги следи за оваа проблематика. Потпретседателот на Регулаторната комисија Светлана Јаневска рече дека сите предложени измени за електричната и за топлинската енергија се резултат на подзаконски акти, а не на Законот за енергетика. Таа прецизира дека измените се донесени за да се намали високата потрошувачка на електрична енергија во текот на денот за да се намалат потребите од увоз на струја.
„Дневната електрична енергија што се увезува е за 50% поскапа од ноќната, а и нашиот најголем производител на ЕЛЕМ има вишок на ноќна енергија која доколку не се искористи им предизвикува дополнителни трошоци“, рече Јаневска.Презицира дека од 1 август до крајот на 2012 година се увезени 296 милиони киловат часови електрична енергија помалку во однос на истиот период 2011 година или за 69% помалку, а трошокот за набавка во овој период е помал за 24,8 милиони евра или за 74%. Додаде дека само Македонија од поранешните југословенски републики до 31 јули 2012 година имала ефтина тарифа и е единствена земја покрај Црна Гора и Босна и Херцеговина која има ефтина викенд струја. Елена Маркова Велинова од Регулаторната комисија за енергетика пак посочи дека донесувањето на Правилникот за наплата за топлинска енергија за исклучените корисници се однесува само за корисниците во колективните станбени згради кои не се целосно исклучени од системот. Регулативата, додаде, е донесена со цел да се заштитат останатите корисници на топлинска енергија во колективната зграда кои сега треба да плаќаат и за исклучените. Фидан Кулевски од Регулаторната комисија за енергетика рече дека сите измени што ги донела РКЕ се во насока на заштита на енергетските системи.