Американски конгресмен: Треба да поддржуваме суверена и силна Македонија
Објавено во: Македонија 09 Февруари, 2017
Наш заеднички интерес е Македонија да биде суверена и силна. Ние треба да ja поддржуваме земјата, наместо да го уништуваме овој наш важен сојузник. Тоа го изјавил американскиот конгресмен Дејв Трот копретседател на двопартискиот конгрес на комисија за Македонија и Македонците во САД.
По состанокот со претставници на Обединетата македонска дијаспора во САД Трот изјавил дека Скопје е клучен партнер на американската национална безбедност во целиот свет.
Неговата изјава се разликува од онаа на американскиот конгресмен Дана Рохрабакер, кој пред три дена повика за поделба на Република Македонија меѓу Косово и Бугарија.
„Создавањето на македонска држава пропадна и во моментов постојат сите услови таа да биде поделена меѓу нејзините соседи, вклучувајќи го и Косово и Бугарија“, изјави тогаш Рохрабакер.
Подоцна Стејт департментот на САД официјално реагираше и соопшти дека го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека категорично ги поддржува интеграцијите на земјите од Западен Балкан.