Анализа: Како компаниите може да се изборат со корупцијата и да работат исплатливо?
Објавено во: Економија 19 Октомври, 2020
Борбата со корупцијата се смета за еден од најголемите проблеми на речиси сите истражувања во изминатиот период. Оваа тешка појава им смета како на граѓаните, така и на компаниите бидејќи води кон нелојална конкуренција, недоверба во институциите кои наместо да бидат сервис стануваат пречка за водење бизнис и дополнителни оптоварувања. Секако, секој треба да преземе и одговорност за сопствените постапки за овие состојби да се надминат.
Проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис - сектор“ спроведен од Конект и финансиран од Европската Унија, се бави токму со обуки за компаниите за подобрување на состојбите, намалување на коруптивните пракси, а со повеќе онлајн алатки им овозможува на компаниите да го проценат ризикот од корупција.
За можните решенија, како и за сите алатки кои се ставени на располагање на бизнисмените при носењето на одлуки и спречувањето на корупцијата, разговараме со Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект и Виктор Мирчевски, програмски раководител на Конект.
Како придонесувате за намалување на клиентелизмот во бизнисот и прифаќањето на подмитувањето како норма и пресметан трошок?
Кусиникова: Најпрво тргнуваме од нас самите. Лично, а и во тимот на Конект секојдневно се стремиме организацијата да практикува висок степен на интегритет, транспарентност и отчетност како вредности што ги промовираме и помеѓу нашите соработници и поширокото општество. Со оглед на тоа што општествената одговорност на компаниите е примарен фокус на наше делување, нашата работа е насочена кон постигнување нулта толеранција кај компаниите кон корупцијата. Креираме заедница на компании коишто сакаат да водат бизнис без корупција, за коишто поткупот и другите форми на корупција е неприфатлив трошок и коишто сметаат дека тоа е можно да се постигне и во нашата земја. За да го постигнеме ова, по примерот на добрата европска и светска пракса развивме платформа за бизнис интегритет којашто се состои од обуки, алатки за самопроценка, советување и консултации за компаниите да ги унапредат своите политики и процедури, споделување на искуства, како и понатамошна проверка (како еден вид сертифицирање) на програмите на компаниите за спречување на корупција. Целата програма се базира на споделување на знаење и искуство помеѓу самите компании, а обучувачите се професионалци од македонски компании со изградени политики и програми за спречување на корупцијата. Нашата програма им помага на компаниите да ја препознаат корупцијата во бизнисот, да осознаат како таа влијае врз нивниот бизнис, и потоа како да ги идентификуваат ризиците од корупција и да изградат програма за спречување на корупцијата.
Она што како следен чекор сакаме да го постигнеме е да поголемите компании при изборот на своите добавувачи и деловни соработници дадат предност на компаниите што имаат програми за спречување на корупцијата. Тоа ќе прати силен сигнал и до помалите компании дека е исплатливо да се води бизнис без корупција и дека компаниите со интегритет се посакувани партнери на големите и на меѓународните компании бидејќи така и ним им се намалува ризикот од корупција. Исто така ќе застапуваме и кај институциите преку јавните набавки да ја засилат и поддржат примената на програми за спречување на корупцијата. Јавните претпријатија би требало да бидат предводници во овие процеси. Во иднина ќе иницираме и заеднички акции со бизнис заедницата и институциите за креирање на стимулативни механизми по примерот на други земји како на пример бели листи и сл.
Светските искуства покажуваат дека компаниите со изградени политики и програми за спречување на корупцијата и до 50% ги намалуваат инцидентите со корупција во својот бизнис.
Дали на самите обуки добивате и фидбек од страна на компаниите учеснички за нивното досегашно искуство, колку материјалите и ресурсите кои ги ставивте на распоагање преку платформата „Бизнис без корупција“ се од помош за приватниот сектор кој се соочува со коруптивни практики?
Мирчевски: Да, обуките се интерактивни и ги поттикнуваат и обучувачите и учесниците да споделуваат примери од своето искуство. Осознавањето дека и други компании во нашата земја се соочиле со слични предизвици и спровеле мерки коишто функционираат во пракса ги мотивира компаниите да ги подобрат своите политики и процедури, и можеби уште поважно им дава надеж дека тоа е можно и во нашето опкружување. Затоа, покрај светските ресурси коишто им се достапни на компаниите на платформата, развиваме и локални ресурси. Ги разгледувавме најчестите предизвици од учесниците и формулираме кратки случаи од пракса коишто им даваат насока на компаниите како да постапат во одредени потенцијално коруптивни ситуации, што е најдобро за превенција и што да прават ако корупцијата се оствари. На www.bezkorupcija.mk учесниците си споделуваат примери на мерки, етички кодекс, политики и сл. Компаниите што се дел од нашата програма особено ја ценат едноставноста и практичниот приод во материјалите и ресурсите што им се на располагање.
Кои се плановите за следните обуки наменети за приватниот сектор, на што ќе се фокусирате тематски и кои ќе бидат експертите ангажирани за поддршка на учесниците?
Мирчевски: Основната обука „Заштити го твојот бизнис од корупција“ ќе продолжи да се спроведува континуирано, неколку пати во годината со долгорочна цел да ги опфатиме речиси сите компании во Северна Македонија. Особено нѐ радува што некои компании пријавуваат и неколку вработени од различни сектори да ја посетуваат обуката. До јануари обуките се субвенционирани со грант од Европската Унија преку проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор“ и ги повикуваме компаниите да ја искористат оваа добра можност. Тематски обуките овозможуваат корупцијата да биде препознаена и ги води учесниците чекор по чекор да создадат систем и мерки за нејзино отстрануање од бизнисот. Во иднина планираме согласно потребите на компаниите што се дел од плафтормата подлабински да овозможиме да ги надградат знаењата и вештините за специфични аспекти поврзани со корупцијата, на пример донациите и спонзорствата, примена на законот за укажувачите и сл.Исто така спроведуваме и обуки за раководството и тимовите во самите компании особено во фазата кога компанијата воспоставува програма за спречување на корупцијата. Експертите се секогаш професионалци со практично искуство најчесто од други компании и од тимот на Конект.
На самата платформа постои и алатка за Проценка на ризикот од корупција. Може ли да ни опишете за што служи оваа алатка и од каква корист е за самите менаџери, правници и сметководители, кои ги носат одлуките во постапките за компаниите и што може да преземат понатаму?
Кусиникова: Секоја компанија, во зависност од индустријата, големината, пазарот и сл. е подложна на одредени ризици од корупција што си ги носи самиот бизнис. Поради ова, идентификувањето и проценката на овие ризици е клучниот чекор во воспоставувањето на политики и програми за спречување на корупцијата особено имајќи ги предвид ограничените ресурси со коишто располагаат компаниите. Доколку спроведете мерки за спречување на корупцијата ископирани од друга компанија, без соодветно да го процените ризикот на вашата компанија, целиот напор и вложени ресурси ќе бидат залудни, а мерките неефективни. Алатката за проценка на ризикот од корупција достапна на нашата платформа www.bezkorupcija.mk е прилагодена за малите и средни претпријатија и интерактивно ги води чекор по чекор низ едноставен процес на проценка на ризици. Таа исто така им овозможува на компаниите што се дел од нашата заедница „бизнис без корупција“ онлајн да ги прикачуваат информациите и документите што се дел од чекорите и на крајот алатката им продуцира целосен извештај за ризиците и постапките на компанијата.
Колку е важно да се покрене јавно-приватниот дијалог за промена на состојбите, бидејќи не секогаш самите законски решенија се доволни, туку потребна е и политичка волја за нивно спроведување и неселективна борба со корупцијата. Како вашиот проект ги адресира овие прашања?
Кусиникова: Јавно-приватниот дијалог е клучен за трајни промени во спречувањето на корупцијата. Преку програмата за поддршка им помагаме на компаниите интерно да ги подобрат своите политики и практики. Но, компаниите не делуваат во затворен систем и на обуките тие честопати посочуваат дека институциите и општественото опкружување ја толерираат корупцијата и не ги препознаваат и наградуваат компаниите што го градат својот бизнис на квалитет и интегритет. Дополнително, сите политики и теми во доменот на спречувањето на корупцијата не се подеднакво важни за бизнис заедницата. Затоа е исклучително важно бизнис заедницата да се вклучи во дијалогот со институциите и со граѓанскиот сектор како конструктивен партнер во борбата со корупцијата. Во рамки на проектот финансиран од Европската Унија, со нашиот партнер Центарот за граѓански комуникации воспоставивме меѓусекторско Советодавно тело во коешто членуваат претставници на сите клучни чинители како што се Владата и релевантните институции, стопанските комори, граѓанските организации, организациите на работодавачи и меѓународната заедница. Советодавното тело има за цел да иницира дијалог за тоа како да се подобри интегритетот кај бизнис заедницата и особено кај претпријатијата во државна сопственост коишто би требало да бидат пример и за останатите компании како и да придонесе во креирањето на ефективни политики за намалување на корупцијата во бизнис секторот. На средбите на телото дискутираме прашања коишто се иницирани и идентификувани од страна на самата бизнис заедница преку коморите или преку нашата платформа.
Покрај меѓусекторското Советодавно тело, организираме и тематски средби помеѓу компаниите и претставници на релевантните институции на коишто се дискутираат состојбите и идентификуваните предвизици, компаниите добиваат дополнителни информации од институциите и заеднички се градат препораки за подобрување на политиките во оваа област. За илустрација, на следната тематска средба ќе разговараме за примената на законот за јавните набавки особено во сегментите каде што компаниите идентификувале потенцијални ризици од корупција.
Кои истражувања планирате да ги остварите со цел да се направи подобар увид во практиките на јавните претпријатија и институции во комуникацијата со приватниот сектор и дали од нив може да произлезат конкретни решенија и предлог политики?
Кусиникова: За нас е особено важно можните решенија како и предлог-политиките што произлегуваат од бизнис заедницата и граѓанските организации да се базираат на истражувања и анализи, а не на согледувања на неколку компании и поединци. Нашите истражувања во следниот период ќе се фокусираат на мерење на примената на политики и мерки за спречување на корупцијата кај компаниите, предизвиците и бариерите со коишто се соочуваат компаниите како и кои се клучните фактори на мотивација (санкции, стимули итн.) што би ги поттикнало компаниите да се вклучат во спречувањето на корупцијата.Х.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.