АНАЛИЗА: Можни ли се рестрикции на струја во зимата, експерти алармираат - состојбата е катастрофална
Објавено во: Економија 20 Октомври, 2021
Ако се продолжи со оваа негрижа и непланско работење, а имаме долга студена зима за жал можни се и рестрикции на електрична енергија, вели во разговор за Фактор Сања Божиновска, енергетски консултант, советник за енергетика која моментно работи надвор од Македонија. Вели дека државата задоцнила со решенијата за енергетската криза, а ги проблематизира и набавката на јагленот за РЕК Битола и активирањето на ТЕЦ Неготино која работи на мазут.
Во каква ситуација се наоѓа во моментов Македонија, како се доведовме тука, ова од аспект на задоволување на потребите за струја и на домаќинствата и на компаниите?
Божиновска: Кога се зборува за енергетика, мора да се напомене дека тоа е стожерот на една држава и секогаш треба да се има јасно дефинирана долгорочна стратегија. Моменталната состојба е резултат на повеќе фактори кои влијаат, меѓу кои најважни се производните капацитети и планирање на производство на електричната енергија. Општо познато е дека РЕК Битола е најголем енергетски капацитет кој ја снабдува Македонија со електрична енергија произведена од јаглен. Минатата година нашата влада одлучи да спроведе зелено сценарио до 2040, кое што значи искористување на обновливите извори на енергија и гаснење на РЕК Битола и укинување на овие работни места. Тоа вака на хартија звучи одлично, меѓутоа еве сме октомври, не дошла ни вистинската зима, а ние сега распишуваме тендер за набавка на милион тони јаглен. Истотака управувањето со нашиот хидро потенцијал во последниот период е катастрофален, како и објавените продажби на вишоци на електричната енергија од страна на ЕСМ. На ова исто така влијае и неизвршување на предвидените ремонти, како и негрижата за рудниците и залихите на јагленот. За жал повеќе фактори и подолг временски период несовесно управување со енергетскиот систем не доведоа во оваа ситуација. Затоа ситуацијата во моментов на нашиот електроенергетски систем е катастрофална. Причини кои доведоа до тоа се повеќе, но една е константна која ги поврзува сите – поставување партиски кадри на витални места во сите енергетски компании кои апсолутно не можат да се носат со проблемите во работењето. Понатаму донесени регулативи со кои тотално неодговорно се потрошија акумулациите. На пример од 1 јануари 2020 година значи скоро две години заради тогаш донесените акти за работење на секундарната и терцијарната регулација од страна на РКЕ се потроши непотребно огромна количина од водата во акумулациите. Од друга страна, во време кога цените на струјата на берзите беа најниски, ЕЛЕМ неколку лета по ред продаваше електрична енргија од хидропотенцијалот Не видовме анализа колку била хидро а колку термо. Ама затоа денес влегуваме во зимска сезона со најминимални коти на хидроцентралите – 60.000 мегаватчасови. Понатаму лошата и непланска експлоатација на рудниците предизвика на депонијата на РЕК Битола да имаме минимални резерви на јаглен од само 10.000 тони за работа на еден блок неколку дена. Така ние како држава влегуваме тотално неподготвени во престојната зимска сезона што никогаш не било претходно.
Што се однесува до струјата за домаќинствата, тоа е одржување на социјалниот мир. ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН за цена од 36,10 евра за Мегават час. За споредба, моменталната цена на релевантната берза за електричната енергија за 19 октомври е 242,61 Евра (базна енергија). Тоа значи дека државата свесно ја продава својата енергија за дампинг цена, меѓутоа со непрофесионално управување на ресурсите производството се намалува констатно и прашање на време ќе биде до кога ова ќе биде одржливо. Да не заборавиме, ДДВ-то е намалено меѓутоа и тоа е краткорочно решение.
Значи, велите, набавката на јаглен за РЕК не е солиден одговор за кризата?
Божиновска: На депонијата за јаглен во термоцентралата моментално има околу 10.000 тони јаглен што не е доволно ниту за еден ден работа на РЕК Битола. Значи состојбата со рудникот за јаглен во РЕК Битола е лоша. Во техничко технолошка смисла рудник во РЕК Битола практично нема. Технички главната рударска опрема – багерите се во дефект и уште поплавени од дневните врнежи на дожд. Практично нема ископ на јаглен. Нема ниту откривка на јаловина за ископ на јаглен. Дневно се носат едвај 3.000 тони јаглен во кој има повеќе земја отколку јаглен. Новата опрема и камиони кои неодамна се купија стојат неупотребени. А пред почетокот на зимата се распишува тендер за набавка на јаглен за чиј транспорт ќе е потребно 1.000 камиони дневно за да се испорача што секако ќе има реперкусии на воздухот во Битола и Пелагонија.
Има најави за рестартирање и на ТЕЦ Неготино?
Божиновска: Активирањето на мазутарата на ТЕЦ Неготино е голема непознаница бидејќи таа не работи веќе 13 години. Се прашувам во ваква состојба е? И голем дел од стручниот кадар таму скоро и да го нема. Cнабдувањето со мазут на РЕК Битола и РЕК Осломеј е проблематично. Во РЕК Битола се носи неквалитетен мазут со нечистотии од разни производители и со тоа се уништува мазутната станица, мазутните пумпи, филтрите и се прави проблеми со опремата на претовар на мазут и со работата на мазутните бренери на котлите во РЕК Битола.
Од овој аспект, сметате ли дека наскоро може да дојде до проблем на дневно ниво да се задоволуваат потребите?
Божиновска: Состојбата со термо блоковите е катастрофална. Блокот 3 е надвор од функција. Блокот 2 нема јаглен за работа и работи со максимална потрошувачка на мазут и малку јаглен со половина моќност на граница на технички минимум. Блок 1 е исклучен од погон поради тоа што нема јаглен и енормна потрошувачка на мазут со максимум од сите осум мазутни бренери и така се трошат 16 тони мазут на час и оптеретување од 120 MW. На 11.10.2021 година е исклучен од погон затоа што технолошкиот процес не дозволува таков режим на работа. Термо блоковите не се квалитетно ремонтирани, котлите не се довршија со модернизацијата, десулфуризацијата не е направена, ниту еден проект за подобрување и одржување на опремата и заштита на животната средина не се реализира.Состојба вообичаена во последните 5 години, каде што имаме повеќе хавариски ситуации, отколку нормален производствен процес.Ако се продолжи со оваа негрижа и непланско работење, а имаме долга студена зима за жал можни се и рестрикции на електрична енергија. Доколку се случи тоа што се случи за време на енергетската криза во 2011 година која беше многу помала од денешната кога преносните оператори ги суспендираа кросбордерите и секоја држава беше оставена сама на себе во своето производство нас како држава ни претстои ужасно тешка зима. Може да дојде до големи редукции на конзумот што пак може да предизвика огромно незадоволство на граѓаните.
А како се однесуваат приватните снабдувачи, сметате ли дека се доволно регулирани? Веќе откажувале договори?
Божиновска: Што се однесува до компаниите, пазарот на електрична енергија е целосно либерализиран што значи секоја компанија може да купува струја на слободниот пазар. На почетокот на либерализацијата, компаниите имаа и до 30 отсто намалени сметки за електрична енергија и во Македонија има околу 13 фирми кои активно се занимаваат со трговија на електрична енергија. Лиценците се издаваат од Регулаторната комисија за енергетика. Фирмите и снабдувачите потпишуваат меѓусобен договор, меѓутоа законот за енергетика е надлежен и ги регулира обврските на снабдувачите и трговците со електрична енергија каде што јасно се дефинирани условите за раскинување на договорите. Трговците одлучуваат кога и за кои цени ќе ги набават веќе продадените количини. Моменталната ситуација со високите цени во цела Европа секако има влијание и кај нас, но одговорност на трговците е да ја набават електричната енергија која што однапред ја продале. Берзанските цени се однесуваат на ден однапред, што значи тоа е шпекулативно однесување (секој ден се чекаат цените за ден однапред). Бидејќи во последниот период цените на берзите се зголемени за до 300 отсто, на трговците набавката на толку скапа енергија им носи енормни загуби. Некои од нив одлучиле да не набавуваат електрична енергија и одлучиле да ја надоместат оваа енергија од МЕПСО (балансна енергија). Одговорноста која е целосна на МЕПСО е да се покриени со банкарска гаранција за овие суми, меѓутоа прашањето е дали некој во МЕПСО ги контролира овие отстапувања кои ги прават компаниите и се кумулираат, а воедно и терминот за доставување на оваа фактура е 45 дена. Дали при овие цени МЕПСО ги следи отстапувањата на компаниите кои ја преминуваат сумата на банкарската гаранција? Дали е нормално некои фирми да имаат и до 7-8 пати зголемена моментална фактура од гаранцијата и МЕПСО ништо да не превзема?
Видовме дека на многу компании еднострано им беа раскинати договорите и се приморани да се снабдуваат кај снабдувачот во краен случај по многу поскапи цени. Дали е тоа во согласност со законот ќе треба допрва да се докажува, меѓутоа струјата не може да чека на правни разврски на склучени договори. Приватните снабдувачи мора да имаат одговорност кон клиентите, непокривање на своето портфолио и купување од ден за ден енергија е ризично, и за да се впуштат во таков ризик мора да имаат доволно финансиски средства. Сведоци сме на затворање на фирми во Бугарија, блокирање на фирми од српскиот систем оператор ЕМС во соседна Србија, а во Македонија имаме започнати постапки.
Кои според вас се најбрзите решенија, а што треба да се прави на среден рок па и долгорочно?
Божиновска: Енергетиката нема брзи решенија, градење на енергетски објект е сериозна работа и е потребно време. Те-То беше изградено од приватни компании, а Македонија можеше да изгради еден енергетски објект со базна енергија. Секако ветерниот парк Богданци е за поздравување, меѓутоа за познавачите на енергетиката потребно е повеќе. Веќе сме 2021 година, и се уште не сме поврзани енергетски со Албанија, а Италија се поврза со подводен кабел со Црна Гора и имаат енергетска берза. И секако берза за електрична енергија се спомнува со години, меѓутоа ни б од берзата во Македонија. Доаѓаа експерти, имаше работилници, предавања, испитувања.
Владата најави инвестиција во 500 mw во обновливи извори, што е сериозна бројка но треба за тоа да има и анализа, за да се види како ќе влијае на системот. Тоа секако е сериозна бројка.
За долгорочно се надевам дека конечно ќе биде изграден „Чебрен“, бидејќи обновлите извори ппредизвикуваат нестабилност во системот. Чебрен ќе ја зголеми можноста за дополнителни инвестиции во обновлите извори на енергија и без да се наруши сигурноста во снабдувањето. Најважен е фактот дека сите експерти мора да се вклучат за да се постави правилна стратегија во енергетиката, а не да се сведува на политички одлуки.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.