27 Декември, 2024
0.0303

Андовска: Скандалозно е укинувањето на фестивалот „Денови на македонска музика“

Објавено во: Македонија 14 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Уметниците, како и работниците од културата не молчат и по втората објава на резултатите од конкурсот за годишната програма на Министерството за култура. Веќе е добро познато дека скратени се средствата на повеќе реномирани фестивали и манифестации, со што се доведува во опасност нивно укинување или воопшто да не одржат оваа година. Нејасните критериуми и услови врз кои се формира оценката за поднесената програма најжестоко меѓу другите ги критикува и македонската композиторка Дарија Андовска. Во интервју за Фактор вели дека традиционалната манифестација „Денови на македонската музика“ е скандалозно укината, односно не и се доделени потребните средства. Уметниците според неа треба да се обединети, додека пак публиката има право на современа музика која не е соодветно поддржана. За кадровската политика во ресорот култура по направените грешки и пропусти треба да се бара и одговорност. Во меѓувреме во Собранието се одржа и надзорна дебата за начинот на кој се спроведе програмата за 2018 година, а веќе се размислува за носење на нов закон во кој треба да се вклучат сите засегнати страни бидејќи културата е огледало на македонското општество.

Фактор: Фестивалот „Денови на македонска музика“ е еден од најпогодените со новата распределба на средства од Министерството за култура во годишната програма по објавата на ревидираниот конкурс. Што понатаму со оваа манифестација?

Андовска: „Денови на македонската музика“ е фестивал со повеќедецениска традиција, кој годинава требаше да го има своето 42 издание, единствен специјализиран фестивал за современа уметничка музика, каде своја промоција имаат домашните автори, но и оние кои се репрезенти на светските текови од оваа област.

На овој фестивал свој настап имале бројни македонски и светски реномирани уметници- изведувачи, низ чија интепретација прозвучеле и антологиските дела на постарите генерации композитори како Властимир Николовски, Тома Прошев, Ристо Аврамовски, Кирил Македонски, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, кои заедно со делата на актуелните автори станале составен дел од репертоарот и на домашната и на светската музичка сцена. Навистина една ризница на културно музичко богатство.

За жал, со скандалозното укинување на овој фестивал, односно укинување на претходно одобрените средства пред ревизијата (и онака мали да би се оддржал квалитетот на фестивал со вакво значење), се уништува дотокот на нови информации, нова музика, како што им се одзема подиумот на нашите уметници- изведувачи и композитори, при тоа оскатувајќи ја јавноста за спознание на актуелното музичко творештво. Што понатаму? Веројатно ќе се обидеме заеднички, на мускули и партизански, како знаеме и умееме и колку можеме да го одржуваме во живот, па макар и на системи за дишење, доколку не се повлече одлуката.

Не смееме да дозволиме да замре поради одговорност кон нашите предци, големите творци, нашите даскали, кон културниот живот и развој, но и кон новите, млади сили, кои се исклучително талентирани и способни, а на кои токму овој фестивал им беше отскочна даска.

Фактор: Постои голем револт кај голем број на македонски уметници и работници од културата за начинот на кој се поделија средствата. Кои би биле следни чекори?

Андовска: Нормално дека постои револт кога е непознат или сосема нејасен мериторниот систем. На реномирани уметници, фестивали, манифестации им се ускратуваат средстава или сосема се укинуваат на сметка на финансирање тотално небулозни проекти, кои воопшто е прашање дали припаѓаат во областата на културата, како саем за фризури на пример.

Фестивалот „Денови на македонската музика“ е фестивал на невладина организација, Сојузот на композитори на Македонија, кој од 2003 година е под покровителство на Претседателот на Република Македонија. Согласно периодите, тоа беше г-динот Бранко Црвенковски, па потоа г-динот Ѓорги Иванов. Ете, толкава е важноста на фестивалот и големината на прашањето за мериторниот систем.

Во моментов се пишува приговор кон решението од Министерството за култура. Ќе го чекаме конечното решение, па во склад со тоа ќе ги обмислиме понатамошните чекори и соодветни реакции.

Фактор: Ќе барате ли одговорност од министерот Адеми како и од владата предводена од премиерот Заев за политиките кои се водат во областа на културата?

Андовска: Министерот г-дин Адеми и Премиерот г-дин Заев се личности на високи позиции, кои се единствено одговорни за кадровските решенија. Премиерот не може да биде одговорен за распределбата на средствата од буџетот во областа на културата, тој секако има многу поголеми и побитни задолженија. Но, делегирањето на обврски во менаџирањето на Министерството за култура влегува во кадровската политика и тука може да се бара одговорност. Кој и врз кој основ решава, со колкави познавања е за сите области во културното живеење, колку ги знае барем имињата, ако не и творештвото и активноста на сите културни дејци, манифестации и фестивали, дали постои реваншизам или антагонизам и како тоа да се амортизира- тоа се клучните точки според кои треба да се постават членовите во комисиите, да не би имало вакви катастрофални решенија и последици.

Фактор: Постои ли можност уметниците и работниците од културата да излезат со заеднички став за нов Закон како и за утврдување на јасни и прецизни критериуми за парите кои се делат од државата каса?

Андовска: Ние сме сепак уметници. Евентуален нов Закон би требало да дојде од законодавниот дом, но, се разбира, во консултација и континуиран дослух со еминентни личности од секоја бранша, соодветно на потребите.

За утврдувањето на јасни и прецизни критериуми секако треба да се вклучат домашни уметници со светско реноме, а ги имаме такви. Токму тие се отворени, несебични и спремни да ги подигнат нештата на барем повисоко ниво, оти веќе си ги измериле силите надвор, знаат кои се и што се, колку вредат и тие и она што се нуди, а и знаат тековно како функционираат нештата во добро избалансиран систем.

Фактор: Како овие одлуки ќе се одразат врз консументите на македонската култура, постои ли простор за нови несогласувања и поделби?

Андовска: Консументите треба да се исто толку гласни, колку и уметниците, оти културниот живот во една држава има огромно влијание врз интелектуалниот развој и напредок на сите генерации. Креирањето културна политика носи огромна одговорност.

Доколку се постават јасни и прецизни критериуми, како самите наведовте, нема потреба ниту за несогласувања ниту за поделби. Доволно сме маргинализирани и репресирани во едно турбо-фолк општество, за да би се јаделе меѓусебно. На крајот, сите посакуваме работите да се движат во нагорна линија, посакуваме лојална конкуренција, конструктивна критика која би ни помогнала да продолжиме да се развиваме, соработка дома и надвор. Уметниците треба да си помагаат и подаваат рака, а не да ја сечат гранката на која седат.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

СЕЗОНСКИОТ ГРИП ГИ ПОЛНИ ОРДИНАЦИИТЕ: Загадениот воздух дополнително ја влошува ситуацијата

СЕЗОНСКИОТ ГРИП ГИ ПОЛНИ ОРДИНАЦИИТЕ: Загадениот воздух дополнително ја влошува ситуацијата

ПРАЗНИЦИТЕ СЕ БЛИЖАТ: Зошто нема еуфорија?

ПРАЗНИЦИТЕ СЕ БЛИЖАТ: Зошто нема еуфорија?

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Финансиската полиција го уапси Артан Ајрули за набавка на телевизори во Државна лотарија

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Финансиската полиција го уапси Артан Ајрули за набавка на телевизори во Државна лотарија

ЗА НАБАВКА НА ТЕЛЕВИЗОРИ ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА: Уапсен газдата на „Ритрон Копи“

ЗА НАБАВКА НА ТЕЛЕВИЗОРИ ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА: Уапсен газдата на „Ритрон Копи“

АЛБАНИЈА ПОТВРДИ: Артан Груби нема албанско државјанство

АЛБАНИЈА ПОТВРДИ: Артан Груби нема албанско државјанство

OJO: Поведена постапка за злоупотреба при јавни набавки во „Државна лотарија“

OJO: Поведена постапка за злоупотреба при јавни набавки во „Државна лотарија“

МИЦКОСКИ ТВРДИ ДЕКА СЛУЖБИТЕ ГО СЛЕДЕЛЕ НЕГО И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО: Објасни која е причината

МИЦКОСКИ ТВРДИ ДЕКА СЛУЖБИТЕ ГО СЛЕДЕЛЕ НЕГО И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО: Објасни која е причината

ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА УАПСИ ЛИЦЕ ПОВРЗАНО СО „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ - се проширува случајот

ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА УАПСИ ЛИЦЕ ПОВРЗАНО СО „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ - се проширува случајот

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШЕН НАЧАЛНИК НА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВО ВЛАДАТА - овозможил на колега кој не исплнил услови да добие бонус од 600 евра

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШЕН НАЧАЛНИК НА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВО ВЛАДАТА - овозможил на колега кој не исплнил услови да добие бонус од 600 евра