„Анима Мунди“: Заменик-директорот на „Македонија пат“ убил мечка од забава
Објавено во: Македонија 02 Јануари, 2025
„Анима Мунди“ денес претпладне излезе со реакција дека Сашо Дранго, заменик-директорот на јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта, познато како „Македонија пат“, застрелал мечка од забава.
Здружението за заштита на животни објави фотографии од вториот човек по хиерархија во јавното претпријатие и наедно претседател на Унијата на ветерани во Демир Хисар. Според „Анима Мунди“, Драго ја застрелал мечката без причина минатиот месец.
- Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Фотографиите до кои дојде „Анима Мунди“, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи – реагира здружението.
„Анима Мунди“ најави дека ќе поднесе кривична пријава против Дранго, и очекуваат негово разрешување од функцијата.