Добивај вести на Viber
Во Австралија денеска стапија на сила санкциите против 50 руски и украински државјани и против 11 претпријатија, воведени заради ситуацијата во Украина, објави министерката за надворешни работи Џули Бишоп.
„Санкциите и забраната за влез во Австралија се воведени за физички и правни лица вклучени во руските закани за суверентитетот и територијалниот интегритет на Украина“, рече Бишоп и додаде дека санкциите ја потврдуваат приврзаноста на Австралија кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Еден од руските граѓани, кој се најде на списокот на непожелни во Австралија е директорот на Руските железници Владимир Јакуњин. Во својата прва реакција на веста, тој иронично изрази жалење што „нема да биде во можност да ги види кенгурите во нивната природна средина“.
„Мене денеска ми соопштија дека далечната Австралија одлучила против мене да воведе санкции. Жал ми е за кенгурите кои таму живеат, бидејќи нема да ги видам во природни услови“, рече на шега Јакуњин, додавајќи дека „во санаториумот ’Октомври’ во Сочи само што добиле легло на бели тигри, па ќе мора со нив да се задоволам“.
Освен Јакуњин, на списокот на руски граѓани на кои им е забранет влез во Австралија се и потпретседателот на Владата Дмитриј Рогозин, претседателот на Советот на Федерацијата Валентин Матвиенко, советникот на рускиот претседател Сергеј Глазјов, премиерот на Крим Сергеј Аксјонов и поранешниот украински претседател Виктор Јанукович. Со австралиските санкции се опфатени и банката „Росија“, Инвесткапиталбанк и СМП Банка, како и компаниите Стројгасмонтаж, Стројтрансгас, Черноморњефтегас...
Австралија објави дека воведува санкции а нив на 19 март и 21 мај, но тие стапија на сила дури денеска и затоа сега се објавени имињата на луѓето и фирмите кои се најдоа на списокот.