Добивај вести на Viber
Австралискиот премиер Тони Абот одново пред Парламентот претстави предлог-закон со кој се предвидува ослободување од таксата за емисија на јаглерод-диоксид што мора да ја плаќаат најголемите загадувачи.
Опозициската Лабуристичка партија на левиот центар и малцинската Партија на зелените во март го искористија мнозинството во Сенатот за да го блокираат законот со кој треба да биде укината таксата од 24,15 австралиски долари за секој тон јаглерод-диоксид, која беше воведена во јули 2012 година.
Но, со новите сенатори кои ќе преземат должност од 7 јули, конзервативната коалициска Влада на Абот очекува во септември да обезбди тесно мнозинство, но доволно за законот да помине.
Индустрискиот магнат за јаглен Клајв Палмер, еден од најголемите критикувачи на данокот, успеа да ја добие поддршката на четворица нови сенатори, кои ветиле дека ќе поддржат укинување на таксата.
Во долниот Претставнички дом, во кој Абот има апсолутно мнозинство, тој веќе го претстави законот, нагласувајќи дека гласачите избрале укинување на оваа такса со тоа што ја избрале неговата Влада.
Според аргументите на австралискиот премиер, со укинување на таксата ќе се намалат годишните сметки за струја на граѓаните за 200 австралиски долари, а сметките за гас за 70 долари. Австралијанците со пониски приходи, кои добиваа социјална помош токму од средствата собрани со овој данок, ќе продолжат да ја добиваат и ако таксата е укината, вети Абот.
Се очекува Претставничкиот дом да го усвои предложениот закон неделава, а веќе следниот месец тој да се најде пред Сенатот. Институтот за клима, меѓутоа, објави истражување според кое мислењето на јавноста во Австралија се повеќе оди во насока на поддршка на давачката.
Така, спротивставувањето на законот со кој беше воведена таксата опадна од 30% во 2012 година, на 22% денес, а поддршката се зголемила од 6% на цели 34%.
Абот има намера наместо овој данок да воспостави фонд од 2,55 милијарди австралиски долари, кој би го финансирале даночните обврзници и од кој би се давале стимулации за индустријата да користи чиста енергија. Австралија е еден од најголемите светски загадувачи по глава на жител, најмногу заради нејзиното потпирање на богатите ресурси на јаглен за производство на електрична енергија.