БЕЗ МАСКИ, НО И БЕЗ УЧЕБНИЦИ И БЕЗ ДОДЕЛЕНИ СВЕДЕТЕЛСТВА: Стартува новата учебна година
Објавено во: Македонија 01 Септември, 2022
Новата учебна
година, по две и пол години од пандемијата на корона вирусот, за точно 255.000
ученици во основните и во средните училишта ширум земјава, почнува навреме,
односно денеска на 1. септември и тоа на радост на учениците без заштитни маски
и други анти-ковид мерки.
Според здравствените власти, а како што велат согласно актуелната епидемиолошка состојба во Македонија, засега не се предвидуваат никакви дополнителни превентивни мерки, освен оние што се актуелни и се на сила – за болниците, јавниот превоз, аптеките и за домовите за стари лица.
Конкретно за училиштата, засега не се предвидува ниту носење заштитни маски, ниту пак дополнителни анти-ковид протоколи, изјави за д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Навременото започнување на училишната година без задолжително носење на заштитните маски е огромна радост и за учениците и за родителите, но како огромен проблем го посочуваат немањето учебници дури за четири генерации ученици и тоа за прво, второ, четврто и петто одделение.
-За четврто одделение се уште не соопштија ништо за учебниците, материјали не им се дадени на децата очекувам тоа да се случи следните денови. Она што е нејасно дали ќе учат по новата програма затоа што колку што разбравме ќе има и печатени учебници или некаков хибриден начин и електронски и со печатен учебник. Искрено не е јасно и многу несериозно затоа што одлуките се менуваат брзо. Минатата година инсиатираа за четврто да се учи од електронски учебници па пак сите ги ископираа. Како ќе биде ние не знаеме и покрај тоа што учебната година почнува, вели за Фактор, Александар М. родител на ученици токму од четврто и петто одделение во едно од скопските основни училишта.
Што се однесува пак за петто одделение, како што вели им дадоа на децата стари користени учебници на крај на годината односно кога завршуваа четврто одделение.
-Сега се говори дека и тие ќе бидат по нова програма. Не знаеме ништо на стартот на учебната година. Се ќе биде соопштено најверојатно утре или во деновите што следуваат. Овие деца минатата учебна година цело време учеа од ископирани учебници. Реформата со електронските учебници се покажа како комплетно неуспешна и нефункционална во пракса, вели тој.
Инаку, сведетелствата за претходната учебна година во нивното училиште се веќе доделени, како и во некои други основни училишта, но најголемиот број ученици, ќе ги земат денеска и утре. Тендерот за печатење сведетелства, како и ланската година го доби тетовската компанија „Арбериа“.
- Нашите деца ги добија сведетелствата пред неколку дена, односно во вторникот и вчера, а за прв пат има сведетелства и за наставни и за воннаставни активности, посочува родителот.
Инаку, на вчерашната прес конференција, министерот за образование, Јетон Шаќири соопшти дека учебната година ја почнуваат далеку поподготвени од неколкуте изминати години, учениците од првиот ден ќе имаат учебници и помошни материјали.
Тој рече дека интензивно се работи на новите наставни програми за прво, второ, четврто и петто одделение, за кои Бирото за развој на образованието подготвило интересни и интерактивни содржини и се изработуваат нови учебници.
-Тие со во различна фаза на одобрување, а за да имаат од што да учат, подготвени се бесплатни материјали за учење за првото тримесечје, истакна министерот Шаќири.
Анита Буховски