Во писмото се прецизира дека според Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата може да изврши преглед на документацијата и на просториите, како и да бара и собира копии од документи поврзани со конкретен случај и дискриминаторски практики, почитувајќи го правото на приватноста.
Во текстот на БГНЕС се потсетува дека отворањето на бугарскиот културен центар „Иван Михаилов“ во Битола во април предизвика бран на негодување кај македонската политичка елита, која ја обвини Бугарија за провокација поради несоодветниот избор на името на клубот. „Од страна на многу политичари и јавни личности дури имаше повици за суспензија на Договорот за добрососедство и соработка“, пишува во текстот во кој се цитира премиерот Димитар Ковачевски, кој на 21 април изјавил дека во рок од неколку денови ќе бидат преземени чекори во врска со регистрацијата на граѓанското здружение „Иван Михаилов“ и отворањето на културниот центар со тоа име во Битола.
Според него, се работеше за провокација која кај луѓето ги разбуди духовите од минатото кога станува збор за човек што бил соработник и на хитлерова Германија и на Италија на Мусолини и на НДХ на Анте Павелиќ.
Подоцна, на 4-ти јуни, пејачот Ламбе Алабаковски ја запали влезната врата на бугарскиот клуб и беше приведен откако самиот се предаде во полициска станица, но набрзо беше ослободен.




