БРЗO И ПРЕЦИЗНО СНИМАЊЕ СО НАМАЛЕНА ЗРАЧНА ДОЗА ДО 80 отсто, „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ИНВЕСТИРАШЕ ВО НАЈНОВА ГЕНЕРАЦИЈА НА КОМПЈУТЕРСКИ ТОМОГРАФ
Објавено во: Македонија 01 Септември, 2022
Квалитетна
слика во висока резолуција, скратено време на снимање, ултра ниска зрачна доза
и помала количина на контрастно средство, единствена можност за снимање на
бебиња од најмала возраст, прецизни снимки и кај многу обезни пациенти се само
дел од предностите што ги нуди новиот апарат за компјутерска томографија, Revolution
Apex CT. Бројните предности на КТ апаратот
се должат на вградениот уникатен систем TrueFidelity кој користи вештачка
интелигенција за обработка на сликата со извонредна резолуција при минимални
дози на зрачење. Со оваа инвестиција во вредност од 1.600.000 евра, Клиничката
болница „Аџибадем Систина“ е единствената болница во регионот која го поседува Revolution
Apex CT, последното медицинско достигнување во дијагностиката од најголемиот светски производител на медицинска
опрема „GE Healthcare“.
„Брзата и прецизна дијагноза на болестите е клучна за успешен третман, особено за малигните и кардиоваскуларните болести каде е важно да се регистрираат во рана фаза и веднаш да се интервенира. Со гордост можам да кажам дека со најновата инвестиција поседуваме моќен апарат кој нуди голем број предности не само за пациентите, туку и за нас како дијагностичари. Revolution Apex CT има технологија која се прилагодува на различни категории на пациенти, ја намалува подготовката пред самото снимање и секако е извонредно брз. Сега речиси да не постои лимитирање кај кои пациенти може да се направи снимање на компјутерски томограф. Може да се снимаат пациенти со срцеви болести и нарушен срцев ритам, пациенти со бубрежна слабост, обезни пациенти, мали деца. Најважно е што пациентите добиваат и до 80 % помала зрачна доза во споредба со претходните апарати, помала количина на контрастно средство и анестезија. Од досегашното искуство, можам да кажам дека новиот компјутерски томограф е вистинска револуција во дијагностичката и интервентната медицина. “ вели проф. д-р Зоран Трајковски, шеф на Одделот за дијагностичка и интервентна радиологија.
Брза дијагноза кај болести на срцето и крвните садови
Со компјутерскиот томограф Revolution Apex добивате целосен приказ на целото срце за 3 секунди, а може да се снимаат и пациенти со нарушен срцев ритам. Апаратот прави слика во извонредно добра резолуција дури и кај многу калцифицирани крвни садови, плаки и стентови. Новиот компјутерски томограф овозможува брз и детален приказ кај многу специфични состојби кои бараат итен третман. Уникатниот софтвер се користи и за планирање на интервенции на големите крвни садови како што е TAVI процедурата со мала количина на контраст и со висок квалитет дури и кај пациенти кои што имаат нарушена функција на бубрезите.
Контрола при изведување на комплексни радиолошки интервентни процедури
Revolution Apex CT поседува систем за директен мониторинг на пациентот при изведување на комплексни интервентни процедури и нуди можност радиолозите директно да го раководат апаратот без да излегуваат во контролната соба што драстично ја забрзува работата и го намалува времето на интервенција.
Снимање на целото тело за помалку од 1 минута
Моќниот Revolution Apex CT овозможува брзо и безбедно снимање на сите системи одеднаш. Особено е значајна неговата употреба кај пациенти со политрауми, како и при спектрален скрининг на коски за визуелизација на оток во самите коски.
Со новиот компјутерски томограф, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го надополни модерниот Дијагностички-имиџинг центар со уште еден моќен дијагностички апарат. Ваквиот пионерски потег е уште еден доказ за заложбите на болницата да биде во чекор со последните медицински технологии со цел да ја овозможи најдобрата и најбезбедна грижа за своите пациенти.