Чакулев: Последици од загадувањето ќе има и по 30 години кога нашите деца ќе пораснат
Објавено во: Македонија, Интервјуа 19 Декември, 2019
Граѓанските организации, активисти и здруженија овој пат обединети под "Зелен фронт" повторно ќе излезат на улиците утре од 17 часот и преку марш ќе побараат исполнување на дадените ветувања за борба со последиците од загадениот воздух. Татјана Чакулев од О2 Иницијатива вели дека последиците од загадувањето ќе бидат долгорочни со оглед на тоа што новите генерации се раѓаат и растат во исклучително загадена околина. Протестите и другите форми на граѓански притисоци ќе продолжат се додека не се покаже реална политичка волја и подготвеност да се спроведат решенија кои животот на граѓаните ќе го стават пред профитот.
Фактор: Најпрво граѓанските еко организации одбија средба во Владата, се додека не се прифатат барањата. Во меѓувреме речиси ништо од тоа не беше преземено, дали тоа е главната причина за повикување на нов протестен марш во петок?
Делумно, првиот рок на голем дел од над 100 барања истекува за помалку од две недели и освен две барања, ништо друго не е исполнето. Првата мала група барања беше дадена како шанса, Владата да потврди дека има политичка волја за решавање на проблемот со загадување, не само реторички, за време на говорите и изјавите на своите претставници, туку фактички. Одбравме 7 точки за кои сме уверени дека можеа да се решат за неколку работни денови бидејќи зависеа исклучиво од волјата на владините претставници, вклучително и поднесувањето до ЈО за отворање на истрага за ОХИС и палењето на кабли во Скопје. Исто и останатите барања кои ги дадовме во форма на т.н. зелена книга, можат да се решат брзо, во периодот пред следните парламентарни избори. Тоа што не може временски да биде решено, може да влезе во стартен процес, па да се предаде во наследство на следните носители на власта. Ова не е проблем што зависи од една или друга партија, ова е прашање од национална важност, и никој кој може да решава, а останува пасивен не смее да биде амнестиран од одговорност.
Фактор: Како се одвива дијалогот со институциите во кои речиси и воопшто да нема доверба кај јавноста кога е во прашање заштитата на животната средина?
Дијалог со институциите во овој период немаме, со оглед на нивната тромост, инертност, немање капацитет, бескрајни состаноци без резултат, работни групи без резултат. Граѓанските здруженија ги одбија средбите со премиерот и владините претставници поради тоа што сме уморни од фактот дека служиме како алиби дека нешто се работи, кога во пракса многу малку или ништо не се помрднува. Ние нашето учество во интерсекторската работна група за следење на квалитетот на воздухот го прекинавме после две години токму поради нејзината нефункционалност.
Фактор: О2 иницијатива објави дека драстично е зголемен увозот на отпад кој и се согорува за енергија и побарано е забрана за ваков вид на увоз. Власта и инспекциските служби пак, тврдат дека опасен отпад нема на Дрисла. Колку согорување на ваков отпад е закана за животната средина?
Ние ја објавивме вкупната количина на увезен отпад и количината на увезен опасен отпад. Тука спаѓа и увозот на отпадно железо кое Макстил го користи во своите производни процеси. Колкав удел од вкупниот увоз има отпадот кој се согорува за енергија, не ни е познато, зошто тој податок не е објавен, треба да го добиеме со барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Покрај Усје кој гори отпад од Италија, Фени (Еуроникел Индустри) гори увезени гуми. Согорување на ваков отпад во Усје е како да имате инсенератор на Дрисла сред град. При горење на отпад се ослободуваат канцерогени, мутагени, токсични диоксини, фурани, PCBs, тешки метали како жива, кадмиум, олово, арсен, хром,.. ацидни гасови и др. Дополнително, немањето на анализи на овој отпад остава можност за присуство и на други опасни супстанции.
Фактор: На самиот почеток на грејната сезона веќе имаме нови рекорди на уривање на максималните граници на загадувањето на воздухот. Какви се досега последиците?
Последиците ќе се видат во статистиките од јавно здравје, зголемен број на пациенти кои се најранливи, број на починати. Последиците од ваквите високи загадувања ќе бидат долгорочно видливи, ќе ги евидентираме и после 20, 30, 40 години, кога денешните деца, сè уште во утробите на мајките, ќе бидат склони кон различни заболувања како резултат на денешното изложување на загаден воздух.
Фактор: Дали се консултирате со експерти за јавно здравје кои мерки се итни и може веднаш да се применат за ублажување на последиците од загадувањето?
Експертите за јавно здравје со години наназад изјавуваат дека краткорочните мерки не даваат резултат, кога ќе почне грејната сезона, нема што може многу да ја измени состојбата. Да не се излегува и престојува на загаден воздух, тоа е она што ги ублажува последиците, но тоа е скоро невозможно, па останува да се сведе на што пократко време.
Фактор: Има ли енергија и ентузијазам за редовни протести кои треба да создадат конкретен притисок за вистинско решавање на проблемите со загадувањето и поставување и почитување на еко стандардите наместо узурпација и профит пред живот?
Има, како резултат на притисокот Владата конечно ја раскина концесијата за Иловица-Штука на 16.12.2019, иако пред две недели нејзиниот одговор беше различен, дека е потребно да заврши жалбената постапка пред Управниот суд, што не беше точно, како што се потврди впрочем. Во рацете на граѓаните не се само протестите како средство за притисок, има уште многу различни типови активности кои ќе бидат во игра во иднина, сè со цел да ги натераме надлежните, без разлика од која партија, да слушаат и да делуваат. Здравјето на граѓаните мора да е приоритет.
Фактор: Што треба да преземе секој поединец за намалување на последиците од загадувањето, незадоволството е огромно и се бараат одговори, но потребна ли е и зголемена јавна и колективна свест за нашите постапки?
Како што од државата константно бараме да преземе мерки за заштита на животот и здравјето на граѓаните, така и целото наше општество, целиот систем зависи од однесувањето на поединците. Индивидуалната свест за заштита на колективното добро е на многу ниско ниво, мораме константно да работиме на граѓанска едукација, на воспитување и правилно информирање на новите генерации. Грижата за животната средина зависи од секој жител, така што промените почнуваат, од намалување на количината на создаден отпад преку намалена и повторна употреба на одредени производи, компостирање, начинот на кој го фрламе отпадот, негова селекција, рециклирање. Избегнување на автомобили кои допринесуваат кон загадувањето, кои се без катализатори, одење пеш, со велосипед или користење јавен транспорт, доколку тоа не е можно барем споделување на автомобилски превоз со повеќе патници. Темелно информирање за начините за загревање кои не загадуваат и не го загрозуваат здравјето на корисниците, приклучување кон централното греење, користење на соларна енергија, топлински пумпи или инвертори. Кога се нема можност за овие начини на загревање и се користат дрва, да се внимава да се суви, печките да имаат висок степен на согорување, а оџаците редовно да се чистат. Да се намали губењето на топлина со изолација на фасадата, прозорите, вратите, кровот. На тој начин може да се намалат и до 75% трошоците и користењето на ресурси за затоплување, а воедно ќе помогне во летниот период да се намали прекумерното загревање. Да се исфрли мазутот, јагленот, нафтата, маслата за загревање. Да не се гори отпад, пластика, гуми, лакирано дрво, мебел. Во одговорноста на секој граѓанин е исто така да ги информира надлежните служби доколку забележи индивидуалци кои вршат недозволени спалувања, диво одлагање на отпад или правни субјекти кои загадуваат воздух, вода или почва. Поединечниот импакт од однесувањето на секој граѓанин не е секогаш веднаш видлив, но допринесува кон подигнување на колективната свест, а таа ги третира и правата и обврските кои ги имаме кон себе и кон животната средина.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.