Дали можеме семките од овошје да ги користиме за затоплување на домот?
Објавено во: Македонија 10 Февруари, 2023
За да заштедат, дел од македонските граѓани купуваат семки од овошје и ги користат за загревање на домот. Оваа појава не е честа, но од македонските фабрики кои се занимаваат со преработка на овошје велат дека има такви примери и дека повремено се јавуваат граѓани кои сакаат да го земат коскестиот дел од овошјето.
Објаснуваат дека семките од модра слива, праска, кајсија се добри за загревање. Сепак, сопствениците на фирми кои преработуваат овошје, велат дека треба да земеме пример од странските држави, од Грција, Турција, затоа што тие ги користат семките од овошјето помасовно, а кај нас обично се фрлаат или ако некој ги побара, ги продаваат за некоја симболична сума. Според нив, немаме свест и не сме едуцирани.
„Може да се користат за греење, но потребни се поголеми количини. Кај нас тоа е реткост, но сум слушнал дека во Србија помасовно ги користат семките за огрев“, велат од струмичка фирма.
Друг наш соговорник објаснува дека веќе две години за загревање користи лушпи од лешник во комбинација со семки од овошје. Тој е задоволен и во иднина планира да го практикува истото. Вели дека ова е добар начин да се заштеди.
„На интернет видовме пример дека лушпите од лешник може да се употребуваат за загревање и почнавме да ги користиме. Практикуваме да користиме семки од два вида овошје. Тоа е за наши лични потреби. Се ослободува доволно топлина и сме задоволни“, објаснува битолчанец.
Професорот по стручни предмети од областа на шумарската струка и дипломиран шумарски инженер, Горан Сакалиев вели дека семките од овошје се исплатливи за користење, посебно ако се загрева поголема површина.
„Заштеда има секако за разлика од пелетите од дрвни видови. Овие кои се направени од семки од маслинки на пример, имаат добра калорична моќ, но се за големи котели, за дома не се многу пожелни. Јас не се греам на дрвени пелети, но тие кои се греат не сакаат многу да ризикуваат, а овие од семки ги има во неколку ресторани, каде потрошувачката е голема. Тие сакаат да заштедат и тоа го прават вешто. Ослободуваат доволно топлина, но се затнуваат грејните тела. За голема количина се исплаќа, но тие што се греат со по 3 тона на домаќинство, не се исплати да користат семкови пелети“, вели Сакалиев.
Податоците од пред неколку години, покажуваат дека во Македонија се фрлаат околу 1.000 тони овошни семки, лушпи и јатки годишно. Во време на енергетска криза граѓаните бараат начини да заштедат пари во домашниот буџет.
Сања Атанасовска