Дали унгарскиот нафтен гигант MOL е најблиску до купување на акциите на НИС
Објавено во: Економија 13 Ноември, 2025 10:37
Интензивни преговори за продажба на дел од акциите на Нафтена индустрија на Србија (НИС) се во тек, а според српскиот неделникот НИН, Русија најмногу се потпира на унгарскиот енергетски гигант MOL и на поддршката од премиерот Виктор Орбан.
Планот е оваа компанија да преземе 11,3 отсто од акциите на НИС, а финалното прецизирање на договорот се очекува средината на ноември, кога делегација од Москва ќе отпатува во Будимпешта.
Како што наведува НИН, Русите не се фокусирани исклучиво на Унгарија – паралелни разговори се водат и со партнери од Обединетите Арапски Емирати.
Русија, според текстот, смета дека самата најава за постепено повлекување од сопственичката структура на НИС може да биде доволен сигнал за американската Канцеларија за контрола на странски средства (OFAC) да ги „суспендира санкциите веќе следната недела“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во вторникот изјави дека Русија преговара со „трета страна“ за идната менаџерска структура на НИС, но дека во моментов не може да открие повеќе детали.
Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, потврди дека руските сопственици на НИС поднеле барање до OFAC за продолжување на лиценцата за работа, базирано на тековните разговори со трета страна.
Санкциите против НИС беа воведени на почетокот на годинава поради руското сопствеништво, но нивната примена неколку пати беше одложувана, сè до 9 октомври, кога конечно стапија во сила.
Вашингтон треба да одговори на рускиот предлог за пренесување на сопственоста на Нафтена индустрија на Србија (НИС) на трета страна. Надежда Кокотовиќ од „Бриселскиот клуб за енергетика“ изјави за РТС дека токму изборот на таа трета страна е „прашање од милион долари“, но оцени дека Русија може многу брзо да најде компaнија која би ја заменила во сопственичката структура.
Кокотовиќ, гостувајќи во утринската програма на РТС, нагласи дека ја охрабрува тоа што работите се размрдале по неодамнешната посета на директорот на „Гаспромњефт“ во Белград и дека верува во неговиот добар однос кон Србија.
„Тој ја презеде координацијата од руската страна и убедена сум дека, во рамките на околностите, ќе се најде брзо и прифатливо решение и за НИС и за Американците. Нема да се повтори грешката на ‘Лукоил’ со ‘Гунвор’“, рече Кокотовиќ.
Таа истакна дека околу идниот купувач има многу шпекулации, но малку реални информации. Сепак, Русија во изминатите четири години под санкции создала широка мрежа партнери и посредници во Азија и на Блискиот Исток.
„Можат релативно брзо да пронајдат компанија што ќе ги замени во сопствеништвото. Постојат многу земји и инвеститори што имаат добри односи и со Русија и со САД – од Азербејџан и Казахстан, преку земјите од Заливот, па до Турција, па дури и Унгарија“, рече таа.
Кокотовиќ потсети на случајот од 2022 година, кога германската влада воведе надзорен управник над имотот на „Росњефт“. Компанијата остана формален сопственик, но без контрола над управувањето, капиталот и менаџментот.
„Под таков режим парите остануваат во рафинеријата и се користат за работење, додека ‘Росњефт’ не добива средства. Тоа сега се најавува и во Бугарија и во Романија“, објасни таа.
Затоа, според неа, руската понуда кон САД најверојатно се однесува на целосно повлекување од сопственоста, бидејќи моделот на доверител не функционира – што го покажа и германскиот пример со тужби и нефинализирани договори.
Кокотовиќ смета дека Србија избрала подобар и поисплатлив пристап.
„Иако ни изгледа како да се мачиме една година, ова е многу помудар и долгорочно разумен модел. Бугарија, на пример, донесе одлука за именување специјален управник над рафинериите на ‘Лукоил’, но претседателот стави вето“, наведува таа.
Говорејќи за гасниот договор помеѓу Србија и Русија, Кокотовиќ не се сомнева дека тој ќе биде продолжен до крајот на годината. Но предупредува дека Србија мора да се подготви за 1 јануари 2028 година, кога Европската унија официјално ќе го прекине протокот на гас преку Турски тек кон европските пазари.
„Не е исто дали преговарате со ‘Гаспромњефт’, ‘Росњефт’ или ‘Лукоил’. Секоја компанија има различен менаџмент и различен пристап на странските пазари, а многу зависи и од земјата-домаќин. Решението мора да се бара со внимателно балансирање на сите интереси“, заклучи Кокотовиќ.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
BMW има нов шеф: Кој е Милан Недељковиќ, човекот роден во Србија кој го презема баварскиот гигант?
Белгискиот „Сибелко“ сака да експлоатира индустриски минерали во Македнија
Кој е човекот што би можел да стане најмоќниот економист во светот?
ЗА ПЕНЗИЈА СЕ БРИШЕ ВОЗРАСТА, ЌЕ ОДЛУЧУВА СТАЖОТ: Голема пензиска реформа во Германија
КУМОТ НА AI ТВРДИ: Ќе имаме повеќе слободно време, но нема ни да имаме работа
Овие седум вештини можат да ви ја подобрат кариерата, можете да ги научите за помалку од месец
РАБОТА E ЛЕСНО ДА СЕ НАЈДЕ, А ПОЛА ПЛАТА Е ДОВОЛНА ЗА УДОБЕН ЖИВОТ: Откриена е нова ветена земја за Балканците
Има ли ризици за цената на златото во 2026 година?
Никој не сака да работи за 1.600 евра: Локалите се затвораат





