ДАВКОВА СИЛЈАНОВСКА ОЧЕКУВА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА РЕАГИРА ЗА ГРУБИ И БЕЏЕТИ: „Страшно е во политиката да има такви луѓе“
Објавено во: Македонија 10 Декември, 2024
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова,
упати јасна порака дека е неопходно Јавното обвинителство да реагира по
наводите од САД кои ги ставија поранешниот вицепремиер Артан Груби и
апелацискиот судија Енвер Беџети на црната листа. Таа подвлече дека ваквите
ситуации не смеат да бидат игнорирани и дека институциите мора да постапат за
да се врати довербата во правосудниот систем.
-Очекувам Јавното обвинителство да почне да постапува во врска со наводите на САД, зашто во спротивно, ако ние не реагираме кога треба, така го толерираме беззаконието. САД испраќа јасна порака дека во политиката и во институциите, вклучувајќи го и Судот, мора да се води сметка за допрен глас, а ова е допрен силен глас заснован на факти и докази. Не смееме како досега да останеме мирни и да ги оставиме лицата кои се нашле на црната листа да си продолжат со своите редовни активности. Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, треба да постапуваат и во овој случај. Во меѓународното право постојат начини како да се дојде до тие докази и да се започне постапка овде. Очекувам ЈО да почне да постапува – рече претседателката Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова го истакна значењето на правдата и транспарентноста, особено кога се споменуваат имиња како што е судијата Беџети.
– Страшно е во политиката да има такви луѓе, особено со статус на копремиер. Судот треба да биде синоним за правото и правдата, а не место кое предизвикува недоверба кај граѓаните. Потребни се итни чекори за реформи во сите институции – нагласи претседателката.
Таа потсети дека минималната доверба на граѓаните во правосудниот систем, која изнесува само 2 проценти, е алармантна и бара целосна реформа на судството.
Одговорност на институциите
– Треба да се преиспита како сите во судскиот систем се нашле на своите позиции. Најголемата одговорност ја носат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, кои мора да бидат чувари на независноста на правосудството. Тие не смеат да дозволуваат луѓе со сомнителен интегритет да заземаат одговорни функции – заклучи Сиљановска Давкова.
фото: МИА