2 април, светскиот ден на аутизмот во глобални рамки се поддржува со обојување на знаменитостите, мостовите, државните институции и зградите во сина боја, се палат сини светилки, се носи сина облека, но и се организираат работилници, конференции, дебати, настани и многу други активности за поддршка на децата и луѓето со аутизам. На вчерашниот маскенбал во пресрет на овој ден, група дечиња сакаа да испратат една различна порака до сите.
Маската „овчички“ ги запираше погледите на минувачите, а зад неа стоеа децата со аутизам и нивните родители кои сакаа да ја подигнат свеста за тоа дека секојдневно се соочуваат со предрасуди, неприфаќање, изолираност и дискриминација.
Еден од податоците од истражувањето на УНИЦЕФ направено минатата година „Знаења, ставови и практики за вклучување на децата со попреченост во Македонија“ вели дека една петтина од јавноста во Македонија сеуште смета дека е неприфатливо за дете со аутизам да биде нивниот сосед или не прифаќаат нивните деца да учат во градинка или во училиште заедно со дете со аутизам, иако светската пракса вели дека прифаќањето и интеграцијата во образовнието е најдобар механизам за напредок, социјализација и надминување на некои од пречките кај овие деца.
Се претпоставува дека во Македонија има околу 10 000 деца со некои од симптомите од аутистичниот спектар, иако официјално регистрирани се само 140 случаи.
„Оваа маска го претставува она со што живееме секој ден. Сакавме да биде илустрација на животот со аутизам во Македонија и слика за тоа како нашите деца се прифатени од околината. Се надевам дека ќе влијаеме и се надевам дека ќе ја подигнеме свеста за тоа како секој поединец постапува кон овие деца“ - изјави Зоран Гиев во врска со приказната што се крие зад оваа маска.
Незнаењето, недоволната информираност и игнорантниот однос се главни пречки во комуникацијата и развивањето на пријателство и соживот со овие деца, а недоволниот степен на едукација и соодветни обуки за наставниците во училиштата за работа со децата со посебни потреби, се дополнителни пречки што ја отежнуваат интеграцијата во образовниот процес и во општеството.
„Да живеете со аутизмот значи да живеете во постојана неизвесност. Она што сакавме да го прикажеме со оваа маска е колку сме засегнати и како се чувствуваме. Учејќи повеќе за овие деца и за нивните можности, ќе обезбедиме поголемо прифаќање и нивно подобро интегрирање во општеството. Само така ќе ги смениме гледиштата и ќе промовираме респект за сите“ - изјави Калина Герасимова.
Народниот Правобранител ја поддржува иницијативата на група родители кои сакаат да ја подигнат свеста за третманот на децата со аутизам и нивните потреби, неопходноста од прифаќање на овие деца во образовниот процес, како и инклузија во рамките на општеството.
„Нашиот став е јасен и недвосмислен, а тоа е дека децата со аутизам имаат исти права како и другите деца и треба да ги уживаат правата на подеднаква основа, а заради специфичноста на нивните потреби, општетството треба да создаде и да обезбеди услови за непречено остварување на овие права“ - изјави Васка Бајрамовска Мустафа, Заменик Народен Правобранител.