ДЕЛ ОД КАДРИТЕ ЗА ПРВПАТ ЌЕ СЕДНАТ ВО ОПШТИНСКИТЕ СОВЕТИ: Oва се работите што мора да ги знаат
Објавено во: Македонија 29 Октомври, 2025 07:34
Во општинските совети ќе седнат и луѓе кои претходно немале искуство како советници и тие мора да се информираат кои се нивните права и обврски и како да бидат активни во интерес на решавање на граѓанските проблеми. Тие мора да ги познаваат Деловникот, Статутот, структурата на општината, да знаат што пропишува Законот за локална самоуправа. За сите недоумици, можат да се консултираат со колегите советници кои веќе имаат искуство.
„Основна работа е да се познава Деловникот и Статутот на општината. Потоа, ако сака успешно да ја врши таа работа, потребни се предзнаења, а сите доаѓаме од различни струки и не сите знаеме да читаме буџет. Потребни се подготовки. Минатиот мој мандат, искрено сите од мојата советничка група бевме првпат советници и на почетокот не беше лесно, но имаше проект за зајакнување на општинските совети, јас одев на повеќето обуки, уште сум дел од платформата и веќе ни се јасни работите. За почетниците, ако имаат советници од претходните мандати, тие ќе им помогнат во рамки на советничките групи. Можат да се информираат и од службите во општината. Сѐ зависи од личноста, колку сакаат да се инволвираат во работата на советот. Јас да имам шанса, пак би одела на обуки, оти беа квалитетни. И да има можност да се бираат модули, би знаела што да одберам. Значи буквално има многу работи што треба да се научат. Секој треба да ја научи структурата на својата општина, да знае од каде да ги побара одговорите, да изгради сопствен став врз основа на кој ќе се носат одлуките“, вели Жанета Савевска, која претходно бил советник и пак ќе биде дел од новиот советнички состав во Општина Ресен од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
По верифицирањето на мандатите, веќе на втората седница советниците треба активно да учествуваат во работата на советите.
„Законот за локална самоуправа треба да го прочитаат и другите закони, Деловникот да го знаат убаво, како функционира општината, да знаат какви права имаат, што можат да направат, да дадат предлог, што да кажат, што да прашаат, да бидат во постојана врска со граѓаните, да ги пренесат нивните проблеми во советот и обратно, што е одлучено на советот да пренесат на граѓаните. Треба да се снимаат седниците, да биде транспарентно. Новите советници можат да побараат совет и од искусните колеги“, објаснува Радослава Костадинова, која била советничка во Советот на Општина Кратово од СДСМ.
Дел од советите во државата веќе ги снимаат седниците и преку нив, оние кои првпат седнуваат на советничките столчиња можат да видат како функционира еден совет. Преку амандманите, советниците можат да иницираат решавање на многу граѓански проблеми.
„Статутoт мора да се прочита, Законот за локална самоуправа е многу битен да го прочитаат, Деловникот го даваат во пишана форма, администрацијата си ја работи работата беспрекорно. Задолжително пред седница советникот треба да ги прочита материјалите, да се информира за сите точки на дневен ред, да биде во тек. Да присуствува и на комисиите и тоа е битно, затоа што таму се дознаваат доста информации кои не се кажуваат на советот, тие комисии се од затворен карактер“, рече Даниела Ивановска, која беше советник од СДСМ и коалицијата во Општина Кавадарци.
И редовноста на седниците е многу битна. Инаку, активноста во советот придонесува дел од кадрите по еден или два мандати во советот да станат кандидати за пратеници и од локалната политичка сцена да преминат на повисоко ниво.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Желјазков: Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија
Петре Шилегов бара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч
Собранието го изгласа пакетот закони потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“
Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери




