ДЕЛАТ ИСТА СУДБИНА - дури две третини од граѓаните и фирмите не можат да ги отплаќаат кредитите
Објавено во: Финансии 24 Април, 2020
Компаниите и граѓаните ја делат речиси истата судбина поради коронакризата. Ова, според експертите со кои разговараше Фактор, може да се констатира од податоците според кои дури 70 отсто од населението во земјава ја прифатило понудата од банките за одложување на кредитните обврски во период од шест месеци, за кој нема да бидат ослободени од каматата. Овој висок процент, според економистите, делумно се должи и на неажурноста на граѓаните, кои загрижени за своето здравје навреме не ги известиле банките, влегле во групата на која ќе им се „замрзнат“ кредитните рати.
Универзитетскиот професор Борче Треновски за Фактор вели дека односот на граѓани, кој е околу еден спрема три кои не побарале моратариум, односно одложување на своите кредитни обврски, е приближен на односот на компании кои согласно различните анкети кои се спроведени, се изјасниле дека не се соочуваат со определени финансиски потешкотии, како што се намалување на обемот на работа, проблем при исплата на оперативни трошици, плати и итн.
„Ова покажува дека и компаниите и граѓаните ја делат истата судбина. Иако така, можеме да укажеме дека на целата постапка и износ на одложување на обврските кај банките влијаеше и тоа што таа беше направена во краток, доста турбулентен и неизвесен период, во кој граѓаните беа исклучително загрижени за идните и здравствени и економски случувања. Исто така самата објава на банките да се пријават оние кои сакаат да продолжат да ги плаќаат своите обврски, додека за сите останати обрвските по автоматизам се одложуват, остави извесен процент на граѓани кои поради неажурност влегоа во групата за одложување“, објаснува Треновски.
Според него, периодот кој следи, успешноста во релаксирањето на мерките и развојот на пандемијата, ќе биде пресуден и ќе покаже дали групата на граѓани и компании кои ќе бараат одложување ќе се зголемува или ќе има обратно ревидирање.
„Во секој случај, банките се ликвидни, оставаат отворена врата за дополнителни одложувања на обврските и спремност да ја поддржат економската активност во економското заздрвување“, објаснува професорот Треновски.
А според официјалните бројки, околу 30 отсто или една третина од граѓаните во земјава не ја прифатиле понудата од банките да им се одложи плаќањето на кредитните рати во период од шест месеци. Затоа, пак, дури 70 отсто од нашето население побарале во следните половина година да бидат ослободени од плаќањето на обврските, со тоа што за овој период ќе им се пресметува каматата, а ќе ја плаќаат подоцна, заедно со другите рати од кредитот.
Во соседна Србија, пак, многу повеќе граѓани барале да добијат мораториум на плаќањето на кредитните обврски, односно дури 94 проценти.
Од Македонската банкарска асоцијација за Фактор изјавија дека сите банки нудат и можност за граѓаните кои ја прифатиле понудата, а во следните месеци ќе сакаат и ќе можат да продолжат со плаќање на кредитите, да се изземат од понудата. Исто така, банките ќе им излезат во пресрет и на клиентите кои сега ја одбиле понудата, а во наредниот период се предомислат, дополнително да се приклучат и наплатата на кредитот да им се одложи до завршување на грејс-периодот.
Банките беа кртикувани во јавноста заради нивната одлука и за шестмесечниот грејс период да продолжат да ја пресметуваат каматата, и потоа да им ја наплатат на клиентите.
Во неодамнешно интервју за Фактор, Хари Костов, еден од највлијателните банкари и главен извршен директор на Комерцијална банка, потенцираше дека во ниту една земја која презема мерки за олеснување на отплатата на кредитите на населението, не постои одредба според која банките нема да пресметуваат камата за овој период за кој се одложува плаќањето.
„... И во оваа коронакриза, колку и да не сакаме да признаеме, покрај државата, сепак банките ќе бидат тие кои ќе му помогнат на населението, уште повеќе на стопанството, па на крај и на државата со предверемено плаќање на обврските, но и со нови кредити во наредниот период кога потешко ќе се доаѓа до нови задолжувања и кредити. Банките мора да ја задржат својата сигурност и стабилност, зошто после кризата државата ќе се повлече од директната помош на населението и стопанството, и повторно банките ќе бидат тие кои ќе треба да обезбедат нова кредитна подршка“, рече Костов.
За тоа колку фирмите сакаат да им се одложат кредитните обврски, од банкарскиот еснаф за Фактор велат дека тоа се усогласува од случај до случај, со секој клиент поединечно.
„Нашите оцени и согледувања упатуваат дека банкарскиот систем е здрав, стабилен и поставен на цврсти основи, со капацитет да се справи со различни шокови. Тоа го потврдуваат сите актуелни податоци и досегашните движења, што редовно ги следиме. Поконкретно, тие покажуваат висока капитализираност, високо ниво на ликвидност и многу солиден квалитет на активата со којашто располага банкарскиот сектор. Адекватноста на капиталот е 16,3 отсто и е подобрена во однос на 2008 година, кога домашната економија се соочи со голем шок предизвикан од тогашната глобална финансиска криза. Учеството на ликвидната во вкупната актива изнесува 30 отсто, што исто така е повисоко во споредба со тој период. Подобрен е и квалитетот на активата, којшто е значајна детерминанта на кредитната активност. Нивото на нефункционални кредити во моментот е околу 4,8 отсто од вкупните кредити и е едно од најниските споредено со земјите од регионот, а истовремено е и историски најниско ниво на овој показател“, уверуваат од првта монетарна куќа во земјава.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.