ДУИ: Доколку Уставeн одлучи да ги поништи достигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат ненадоместливи
Објавено во: Македонија 06 Декември, 2024
Не сме одговорни за она што ќе следи, предупредува ДУИ за спорните одредби за Законот за јазици. За партијата на Али Ахмети 11 декември е денот што може да промени сè.
Во пресрет на седницата на Уставниот суд на која треба да се разгледуваат оспорените одредби за Законот за јазиците, од ДУИ велат дека секој обид за укинување на која било одредба претставува директен напад на стабилноста и мирот.
„Доколку Уставниот суд одлучи да ги поништи достигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат ненадоместливи, а ние не можеме да одговараме за она што може да следи. Ги повикуваме граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница веднаш да дејствуваат за да се спречи овој чин кој ја загрозува стабилноста на земјата и регионот. Албанците и сите заедници кои веруваат во правда и еднаквост не можат да молчат пред оваа закана“, додаваат од ДУИ.
Предметот за Законот за јазиците е оформен од 13 инцијативи од различни граѓани, партии и здруженија во 2019 година. Уставниот суд го активираше предметот по забелешките на Венецијанската комисија.
Уставните судии Осман Кадриу и Насер Јадари остануваат на ставот дека ќе ја бојкотираат седницата на Уставен суд, на која ќе се расправа за Законот за јазици.