РАНО Е ДА СЕ КАЖЕ ДАЛИ МАКЕДОНИЈА Е ИЗИГРАНА - има ли уште надеж за датум
Објавено во: Македонија 14 Октомври, 2019
Рано е за разочарувања, рано е да коментираме дали сме изиграни или не, но ова што сега се случува говори дека политиката на Франција кон нас е контрадикторна, и зборува за еден непринципиелен однос кон нашата држава.
Ова е ставот на универзитетскиот професор Никола Дујовски, откако доцна синоќа, и покрај тоа што сите погледи во земјава беа вперени кон Париз каде што се одржуваше средбата на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, не стигна долгоочекуваната вест - што ќе биде со датумот за преговори.
Најверојатно во следните денови ќе има повеќе информации - дали напорите од другите членки на унијата ќе успеат да го „омекнат“ срцето на францускиот претседател.
Според дипломатските извори на МИА од Брисел, Франција е единствената која смета дека „Северна Македонија не ги исполнува потребните услови“ за почеток на преговорите. Ставот на Емануел Макрон е изолиран, бидејќи пред осум дена четворицата први луѓе на европските институции повикаа во заедничко писмо за започнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Ова одбивање предизвикува незадоволство кај европските дипломати, кои го обвинија Париз дека ја загрозува стабилноста на Балканот, за кој Париз официјално се залага. Ова уште повеќе што на два пати ЕУ веќе одлучи да го одложи стартот на преговорите.
Макрон и Меркел синоќа во француската метропола имаа работна вечера, на која, покрај другите теми, требаше да разговараат и за отворање преговори на ЕУ со Северна Македонија, откако германскиот Бундестаг за тоа даде зелено светло.
Но, од она што го јавија светските медиуми, другите теми, како Брегзит, назначувањето на Европската комисија и турската воена интервенција во Сирија, го окупирале вниманието на двајцата државници.
Дел од експертската јавност во земјава која со внимание го следи развојот на настаните, смета дека ваквото однесување на моќната светска сила, Франција, не е сосема коректно.
Дали ова значи дека сме изиграни, бидејќи главниот мотив поради кој државава го смени своето име беше токму забрзување на евроатлантските интеграции, Фактор го праша професорот Дујовски.
„Рано е да се каже дали сме изиграни или не како држава, но генерално, политиката на Франција кон Балканот воопшто, е контрадикторна. Бидејќи, токму Франција, во мај годинава стартуваше нова Стратегија за Балканот, во која за поддршка на развојот на овој регион најави дека планира да инвестира поголема сума средства, преку Француската банка за поддршка на развојот. Практично, со тоа Франција планира да оствари поголемо влијание на Балканот, а од друга страна, нашата држава сега се соочува со многу непринципиелен однос од неа. Бидејќи, проблемите во Европската унија не почнаа од вчера, па сега да се инсистира на таа методологија на реформи, туку од многу поодамна, и тоа не треба да се поврзува со државава“, вели професорот Никола Дујовски за Фактор.
Тој објаснува дека остануваат уште само неколку држави кои треба да се интегрираат во унијата, за европскиот континент да биде целосно стабилен, па оттаму е нејасно зошто се случуваат овие колебања. Со оглед што Црна Гора и Србија веќе почнаа преговори, за нив таа нова методологија нема да важи.
„Овие неколку држави не значат ни еден отсто од силата на унијата. Тие имаат околу 20 милиони жители вкупно, што не е ни 4 отсто од бројот на жители на ЕУ, па сега да мора за тие држави да се воспоставува нова методологија за преговори“, смета Дујовски.
Професорот очекува притисокот врз Франција да продолжи и во наредние два дена.
Што доколку и после сите обиди што ќе претстојат во следнава недела, Македонија не ја добие позитивна вест, која веќе во два наврати се одложи?
„Тоа ќе значи директна поддршка на ретроградните процеси во нашето општетство. Што ќе биде многу негативно, бидејќи со силни маки во изминативе години успеавме земјава да ја поставиме на европскиот колосек, за што и Франција сесрдно помагаше. А тој вакуум пак ќе се обидат да го искористат други држави, Русија, Кина, Турција“, нагласува професорот.
А уште вчера глобалната медиумска мрежа Блумберг јави дека Франција и претседателот Емануел Макрон инсистираат дека ЕУ не е подготвена да разговара за можноста за прием на нови земји членки.
Според Блумберг, иако најголем дел од земјите членки го поддржуваат барањето за старт на преговорите, Франција и Холандија посакуваат претходно да има целосен ремонт на процесот на проширување на Унијата. Макрон бара преговорите да бидат “постепени, поконкретни во придобивките за заинтересираните држави“, но и реверзибилни врз основа на постигнатите реформи. Овој документ на 10 октомври, француските дипломати веќе го доставиле до останатите ЕУ членки.
Германскиот министер Михаел Рот, како што јавија германските медиуми, а пренесе Дојче Веле, побара од Франција да се согласи на 15 октомври да се даде зелено светло, бидејќи во спротивно, Европа ќе си го прекрши зборот во однос на Тирана и Скопје, кои ги завршиле домашните задачи, а сега ЕУ треба да ги исполни ветувањата. Тоа, пак, би испратило катастрофален сигнал во регионот.
Амбасадорите на ЕУ, според информациите, денеска треба да се потрудат да посредуваат за компромис. Ова ќе се случува еден ден пред министерскиот состанок кој ќе се одржи во Луксембург во вторник, каде што треба да се донесе одлуката.
Според најавите, тој состанок треба да заврши со заклучоци кои ќе им бидат предложени на
лидерите. Ако, пак, не се постигне консензус, одлуката ќе биде оставена за Самитот закажан за в четврток и петок.
Премиерот Зоран Заев минатава недела изјави дека државава заслужува одлука за почеток на преговори со ЕУ и дека очекува Унијата да го одржи зборот и да го испорача тоа.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.