Џабе Европа, во празна куќа! Како од „brain drain“ до „brain gain”?
Објавено во: Македонија 19 Мај, 2018 07:26
“Во Македонија, како и во останатите земји од регионот, појавата на „одливот на мозоци“ зеде огромен замав во изминатите години. Последиците од оваа појава се забележителни и состојбата е алармантна. Иако постои перцепција дека младите си заминуваат поради економски причини, не секогаш тоа е главната причини. Потрагата по подобро и квалитетно образование е исто така една од поглавните причини зошто младите си заминуваат, но тоа и не би било така лошо доколку истите се вратат и го искористат знаењето во својата земја. За жал, често се случува тие млади да добијат понуда за работа која за нив е примамлива за да останат и да градат кариера во друга земја која им обезбедува подобри работни услови. Квалитетот на живот и младинскиот стандард се исто така голема причина за заминувањето на младите, а особено студентскиот стандард и осамостојување на младиот човек кога станува збор за домување” - вели за Фактор, Илија Станковски, Програмски директор на Здружение Лидери за едукација, активизам и развој.
Политичката криза и нестабилност со која се соочуваме во изминатите години според него исто така игра голема улога во зголемување на оваа појава. Доколку направиме ретроспектива на изминатата декада, па и повеќе, вели беа направени сериозни удари врз човековите и граѓанските права, со кои и тоа како беа зафатени и младите луѓе, сериозни штети врз граѓанското учество, лимитирење и одземање на правото на учество на младиот човек, кое претставува фундаментално право обезбедено со Универзалната декларација за човекови права.
“Овие состојби исто така во голема мера влијаат врз младите луѓе и ги поттикнуваат да бараат подобри перспективи во други земји. Одливот на мозоци е една голема последица од длабок системски проблем. Земете го развојот на еден просечен млад човек во нашата земја. Од основно преку средно училиште до факултет поминува во просек 14 години. Во тие години фокусот на развојот е најчесто на информации и знаење, а не на вештини. Тој/таа учи или студира во систем кој е направен пред 50 години. Можноста да учествува во донесување на одлуки во рамки на тој систем е мала. Помошта која ја добива за да се насочи во кариерата е минимална. Ставете ја тука и неусогласеноста на понудата на програми во високото образование со пазарот на труд доаѓаме во ситуација која е сериозна после целиот овој период и соочување со реалноста и (не)перспективноста”- потенцира Станковски.
Смета дека во изминатите години кај институциите постои ниска свесност за важноста од креирање на зaеднички пристап, кој наложува меѓуинституционална и меѓусекторска соработка.
“Важно е сите причини да се лоцираат и да се изгради пристап кон паралелно таргетирање и решавање на корените на сите причини кои влијаат кон постоењето на оваа појава. Ефектот е минимален доколку работиме на подобрување на образованието и зголемување на високообразовниот кадар, доколку притоа не работиме на зголемување на средношколскиот и студентскиот стандард, гарантирање на човековите граѓанските слободи, права и одговорности, како и обезбедување квалитетни работни места, со акцент на квалитети, кои го препознаваат потенцијалот на младиот човек и му овозможуваат услови за просперитет, напредок во кариерата и поголем животен стандард. Вклучување на младиот човек директно во креирањето на политиките кои би влијаеле на подобрување на овие аспекти од животот би дала дополнителна вредност во процесот на намалување на оваа појава”- додава Станковски.
Прашањето за „одливот на мозоци“ од Македонија е потенцирано како приоритет на владите во изминатите години. До сега како што вели како конкретна заложба може да се спомене Нацрт-националната стратегија за намалување на одливот на високообразован кадар и за вмрежување и соработка 2013-2020 на Министерството за образование и наука креирана во 2013 година која директно го таргетираше ова прашање. Иако вакви стратегии, мерки и заложби постојат и се имплементираат, односно се повеќе можности им се нудат на младите и им се прават сѐ по достапни, според Станковски веројатно поважното прашање е колкав е квалитетот на истите. Оттука вели, додека се креираат можностите, не се внимава доволно на следење на квалитетот, што е причина зошто младите си заминуваат од земјата, иако можности постојат.
“Дополнително, секое министерство директно или индиректно, преку своите стратегии за работа, директно или индиректно ги таргетира причините за постоење на оваа појава. Поконкретно, Министерството за труд и социјална политика има сет на стратегии кои иако не се наменети директно за младиот човек и за „одливот на мозоци“, сепак ја опфаќаат и ова целна група, како што се Стратегија за безбедност и здравје при работа 2020, Национална стратегија за вработување на Република Македонија 2016-2020 и така натаму. Оваа година започна и имплементацијата на „Гаранција за млади“ како мерка на Владата за помош и поддршка на младите лица кои не се вклучени во вработување, образование и обука, да им се дадат можности за доедукација, доквалификација и можности за вработување. Оваа мерка е добар пример за меѓуинституционална и меѓусекторска соработка бидејќи во имплементација на истата се вклучени неколку институции, како и Националниот младински совет на Македонија”- нагласува Станковски.
Покрај стратегиите, мерки и заложби, исто толку важна ја смета потребата од постоење на заеднички пристап кон таргетирање на сите причини, како паралелен процес, кој се базира на меѓуинституционална и меѓусекторска соработка.
“Одличен пример за подобрување на квалитетот е неодамнешната измена во Законот за високо образование со која се воведуваат Агенција за квалитетво високото образование и Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност кои ќе го обезбедуваат, оценуваат, развиваат и унапредуваат квалитетот на високото образование. Мора да се напомене граѓанскиот сектор играше голема улога во воведувањето на ваква измена, што уште еднаш ја покажува важноста од меѓусекторска соработка”- вели Станковски.
Експертите предлагаат сет на мерки за справување со ситуацијата како подобрување на образованието, зголемување на граѓанските права, подобра понуда на работа, повеќе пракса, полесно вработување. Но што од ова мора да се направи на краткорочен и долгорочен план е прашање кое треба сериозно да се третира.
“Мојата перцепција е дека малку погрешно и површно му пристапуваме на прашањето. Се става голем фокус на „колку“ и на „што“, а не доволен фокус на „зошто“. Сметам дека е потребна сеопфатна и длабинска анализа на причините за постоењето на оваа појава, која нема да се базира на колку млади луѓе си заминале, туку зошто тие млади луѓе си заминале. Кои им биле главните мотиви? Што ги „избркало“ од земјава, а што ги привлекло во земјата каде заминале? Да, постојат многу статистики на оваа тема, главно спроведени од граѓански организации, но повторно се базираат на перцепции на младите луѓе кои се сѐ уште тука. Тие перцепции се од голема важност за да креираме мерки со кои истите би ги задржале, но многу е важно да се знаат перцепциите на оние кои се веќе заминати и како и под кои услови истите би се вратиле.Потребно е да бидеме свесни подеднакво за факторите кои ги присилуваат младите од оваа земја и за факторите кои ги привлекуваат младите во другите земји. Работењето на овие два аспекта е подеднакво важно и оттука се јавува потребата од суштинско, длабинско и паралелно работење на двете групи на фактори”- објаснува програмскиот директор на ЛЕАД.
Оттука вели мора да се креираат мерки кои ќе ги таргетираат причините и состојбите кои ги присилуваат младите да си заминат од Македонија, а во исто време да се работи на обезбедување услови кои ги нудат другите земји и со нив ги превлекуваат младите да се преселат. Работење на еден аспект, без притоа да се работи и на другите аспекти од животот на младиот човек ќе донесат минимални резултати. Во насока на појавата на „одлив на мозоци“, регионот на Западен Балкан има една од највисоките стапки на невработеност која е директно поврзана како една од причините за напуштање на земјите.
“Споредбено со земјите од регионот, особено со земјите од Западен Балкан, сотојбата во Македонија не е ниту многу полоша, ниту многу подобра. Но, споредбено со развиените Европски земји, состојбата е навистина загрижувачка. Бројките велат дека земјите од Западен Балкан имаат една од најниските резултати при ПИСА тестирањето во светот кога станува збор за средношколци. Просекот на Организација за економска соработка и развој е 493, додека Македонија има 384, Косово 378, Црна Гора 411 и Албанија 427.Во насока на вработување, стапка на невработеност во земјите од регионот е следнава: Босна 57.2%, Македонија 50.1%, Србија 33.3%, Црна Гора 36.0%, Косово 55.9%, Албанија 24.6%. Кога станува збор за Индексот за човекови слободи, сите земји од Западен Балкан имаат значително пониски оцени од ЕУ просек, односно Албанија постигна 7,66, Македонија 7,21, Србија 7,30, Црна Гора 7,44, Босна 7.27”-вели Станковски.
Земјите од Западен Балкан исто така имаат ниски оценки според Индексот за човековиот развој. Црна Гора е рангирана на 48-тото место, Србија 66., БиХ 81., Македонија 82., Албанија 75.Сите овие податоци ја отсликуваат состојбата во Македонија и во регионот и ги потенцираат дел од причините зошто младите си заминуваат во поразвиените европски земји.
“Пред да зборуваме за изборите кои му се нудат на младиот човек, би сакал да напоменам дека секој млад човек треба да чувствува обврска да се залага и да бара подобрување на условите во секој аспект од неговиот живот.Кога станува збор за избори, младиот човек во денешно време ги има повеќе. На пример, фактот дека Македонија е недоволно развиена земја, особено во насока на технолошки развој, остава голем простор за младите иноватори да просперираат така што би ги пополниле недостатоците кои постојат. Можности за студирање и доусовршување во странство стануваат се подостапни за младите и од Македонија, кои доколку би се вратиле повторно назад, би придонеле за менување на состојбата од „brain drain“ во „brain gain“. Секако, не смееме да заборавиме да потенцираме дека сѐ уште постои трендот кај младите луѓе да целат кон вработување во државна администрација, нешто што сериозно треба да го размислиме. Граѓанскиот сектор се повеќе нуди услови за младите луѓе во насока на доусовршување, делување во општеството, како и вработување”-порачува Станковски.
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Министерката за финансии негира затворање на Трезорот
Нема да се издаваат изводи, венчаници и други потврди - ќе има штрајк во Управата за водење на матични книги
Овој град од соседството е гастрономски рај со евтини цени: Еве каде Македонците јадат како локалци, а плаќаат помалку
Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“
Апелација ја зголеми казната затвор за Васил Јованов на 13 години
Кривичен суд: Kaтица Јанева осум месеци на условен отпуст
Пријава против поранешниот градоначалник на Демир Капија за контаминирање вода за пиење




