ЕКОНОМИСТИ, ДОКТОРИ НА НАУКИ, МАГИСТРИ, МЕНАЏЕРИ - ова е новата раководна постава во прилепски Тутунски комбинат, отповикани се старите директори од претходната власт
Објавено во: Економија 05 Ноември, 2024
И Тутунски комбинат од Прилеп има нов Борд на директори.
Акционерските друштва каде што Владата е мнозински сопственик, едно по едно ги менуваат досегашните членови на управните одбори, поставени од претходната власт.
По Градскиот трговски центар, на ред дојде и Тутунскиот комбинат од Прилеп.
Од компанијата преку Берзата ја информираа инвеститорската јавност за новата постава во својот Одбор на директори.
Па така, за извршни членови во одборот на директори се именувами Александар Алексовски, кој е дипломиран економист и е избран за извршен член, потоа Зоран Петрески, доктор на науки по јавна администрација, кој ќе биде извршен член, Афродита Настеска, магистер по економски науки, која исто ќе биде ќе биде извршен член.
За неизвршни членови на Одбор на директори се избрани Гоце Николоски, менаџер по царинско и шпедитерско работење, како и Афродита Баталоска, магистер по казнено право.
Одборот на директори на Тутунски комбинат АД Прилеп за генерален директор на компанијата го избра Александар Алексовски, а за претседател на Одборот на директори е избран Сашко Вељаноски, кој е исто така дипломиран економист .
А, како што веќе пишуваше Фактор, според предлозите за акционерското Собрание одржано на 4 ноември годинава, беа отповикани претходните членови на директорскиот борд. Ова беше предложено од доминантниот акционер на Тутунски комбинат Прилеп, а тоа е Владата.
Па така, на предлог на Владата беа отповикании претходните членови на Бордот и тоа Зоран Пачешкоски, Гоце Котески и Горан Тодоров, кои беа извршни членови на Бордот, потоа Сретен Богоески и Миле Велкоски, кои беа независни и неизвршни членови, како и Златко Сарев и Милаим Амеди, кои беа неизвршни членови.
Во образложението за отповикување на сите овие членови беше наведено дека Собранието може да ги отповика сите членови на Одборот на директори, односно на Надзорниот одбор, односно член на овие органи и пред истекот на времето за коешто биле избрани. За одлуката за отповикување е потребно мнозинство гласови од акциите со право на глас, претставени на Собранието, освен ако со статутот не е определено поголемо мнозинство. Со статутот можат да се определат и други услови за усвојување на одлуката.
Во предлогот за именување на нови членови на Бордот, пак, тогаш не беа наведени имиња на новите предлози за највисокото раководство на комбинатот, а во образложението само стоеше дека тие ќе се изберат со мандат од четири години, како и дека членовите на Одборот на директори и членовите на Надзорниот одбор ги избира Собранието со мнозинство гласови од акциите со право на глас од кворумот определен за работа на Собранието.
Н.Н.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.