Енергетски ефикасни градби – светот галопира, во Македонија идејата допрва заживува!
Објавено во: Економија 14 Мај, 2013 08:48
Познавачите се децидни - Македонија мора да донесе и да имплементира регулатива со која станбените згради во иднина ќе мора да се градат со енергетски ефикасен градежен материјал, со енергетски ефикасни прозорци и врати, со геотермални пумпи и со вградување соларни системи за добивање електрична и топлинска енергија. Тие апелираат 280-те сончеви денови во Македонија ефикасно да почнат да се искористуваат.
Градежните компании од земјава и регионот, но и тие што произведуваат прозорски системи објаснуваат дека заштедата на енергија е неопходна во време кога енергијата е се поскапа, а многу малку се искористуваат расположливите ресурси
“Енергетската ефикасност е светски предизвик. Ние, како компании и инвеститори кои проектираме, изведуваме и градиме згради, прaвиме 200, па дури и 300 станови годишно, така што мора да размислуваме како тие згради да бидат енергетски ефикасни. Македонија мора да ја намали потрошувачката на енергија на годишно ниво за 10%, покажуваат истражувањата, за да ги задоволиме европските стандарди и регулативи”, изјави неодамна вели Ванчо Чифлиганец, сопственик на АДОРА инженеринг.
Некои истражувања покажуваат дека во станбените објекти, од аспект на добра изолација во надворешните и внатрешните ѕидови, во добра изолација на покривите на зградите и на куќите, со примената на енергетски ефикасните материјали во градењето потрошувачката на енергија може да се намали и за 30%-65%, споредено со градбите кои не применуваат мерки кои се енергетски ефикасни.
Во регионот Хрватска отишла најдалеку од аспект на имплементирање на енергетската ефикасност. Инвеститорите во “зелени згради” во Хрватска добиваат 6% поголема кирија на становите и остваруваат 16% повисока продажна цена. Луѓето, пак, кои живеат во енергетски ефикасни згради во Хрватска имаат 26% помала потрошувачка на енергија.
“Зелени“ работни места
“Зелената“ индустрија веќе обезбедува илјадници работни места во Европа, споредено со индустриите кои ја загадуваат животната средина. Во областа на обновливите извори на енергија, во “зелениот“ транспорт и еколошкото производство и услуги во европското семејство веќе работат над 4 милиони луѓе, покажуваат податоците на еколошката организација WWF. За споредба, вработените во рударството, производството на електрична енергија и метали се движи под 3 милиони.
Европските експерти прогнозираат дека во следните 30 години ќе се појават повеќе од 4,2 милиони “зелени“ работни места, што е речиси 10% од вкупниот раст на вработеноста за период од 30 години. Овие “зелени“ професии ќе се појавуваат не само во секторот на високата зелена технологија, туку во сите економски области. Но, за овие прогнози да станат реалност, потребна е соработка меѓу државата и бизнисот. Ако бизнисот се ориентира кон потрошувачка на енергија добиена од еколошки чисти извори, тоа ќе ја наметне и потребата од високостручни и квалификувани професионалци - инженери, едуцирани техничари за инсталирање и за одржување на соларните панели, генераторите во ветерниците, поставената технологија, централите кои како погонско гориво користат биомаса...
Потенцијалот за раст на зелената економија, може да се реализира само ако има доволно квалификувани работници и професионалци. Денес се уште не може да се предвиди кои квалификации и во која мера ќе бидат потребни во следните 10, 20 или 30 години.
Справувањето со отпадот, рециклирањето, производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија (сонце, вода, ветер и биомаса) во Македонија речиси се во зародиш. Иако првата соларна централа во Македонија не е постара од осум години, сепак, Македонија се уште не може да се пофали со значително количество произведена електрична енергија од обновливи извори на енергија.
Потребни се “енергетски“ менаџери
Земјоделството и туризмот се сектори во кои мерките на енергетската ефикасност треба да се применуваат многу повеќе одошто тоа се прави во моментов.
“Македонија е производител на грозје, јаболка, но добар дел од ладилниците за овошје не работат или пак, тие што работат се стари и по 40 години и се енергетски неефикасни. Реконструкцијата токму на тие ладилници ќе биде голема енергетска ефикасност за земјава, кога е во прашање потрошувачката на енергија“, велат од Групацијата за климатизација, греење, ладење и проветрување при Стопанската комора на Македонија.
Познавачите нагласуваат дека секоја компанија треба да има и “енергетски“ директори, кои постојано ќе се грижат како да ја намалат потрошувачката на енергија, притоа да произведат повеќе, а истовремено да бидат и конкурентни на пазарот.
“Најважно од се е што голем дел од компаниите не обрнуваат внимание на енергетскиот менаџмент. Треба да има доволно стручни луѓе кои ќе знаат како да ја намалат потрошувачката на енергија за 15%-20%. Потребно е да се вградат инструменти, да се воочат проблемите и да се задолжи инженер кој ќе управува со енергетските системи“, вели за Фактор менаџмент-консултант.
К.П
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




