Добивај вести на Viber
„Имаме уште една работа - Ајвоч“ - со овие зборови извршниот директор на Епл, Тим Кук го претстави новиот производ на компанијата, кој се очекува да отвори цел еден нов пазар на паметни часовници. Притоа тој ја искористи познатата фраза на основачот на Епл, Стив Џобс.
Промоцијата на Ајвоч ја дигна на нозе целата сала каде што се случуваше пресконференцијата за промоција на новите производи на Епл.
Изненадување на Ајвоч е „дигиталната круна“, која се наоѓа од страна на часовникот и со која е управува со часовникот. Екранот препознава разлика меѓу допир и притисок, а батеријата на часовникот се полни безжично.
Љубителите на Епл веруваат дека Ајвоч е најдоброто технолошко достигнување кое ќе биде промовирано годинава.
Освен паметниот часовник, Епл денеска промовираше и два модели на паметни телефони - Ајфон 6 и Ајфон 6 Плус.
Ајфон 6 е дебел само 6,8 милиметри, а Ајфон 6 плус – 7,1 милиметар. Првиот има екран од 4,7 инчи, а вториот – од 5,5 инчи. И двата модели имаат Ретина ХД екрани – 1334Х750 и 1920Х1080 пиксели.
Камерите на двата телефони доаѓаат со нов 8МП сензор и имаат вградена нова Фокус Пиксел технологија за побрзо фокусирање. Камерата на Ајфон 6 има дигитална, а Ајфон 6 Плус оптичка стабилизација на сликата.
Новите модели ќе се испорачуваат со нова верзија на оперативниот систем iOS 8. Во САД и уште неколку земји ќе бидат достапни од 19 септември, а до крајот на годината ќе бидат пуштени во продажба во повеќе од 115 земји во светот.
Во САД цената на Ајфон 6 изнесува 199 долари за модел со капацитет од 16 GB со договор на две години, а почетната цена на Ајфон 6 Плус е 299 долари.
„Ова се најдобрите Ајфони кои некогаш се направени“, рече извршниот директор на Епл, Тим Кук претставувајќи ги телефоните.
Покрај ова, Тим Кук го претстави и Епл Пеј, новиот начин на плаќање со кој Ајфонот станува дигитаслен паричник кој може да ги замени банкарските картички.
Епл Пеј најпрвин ќе биде достапен во САД, а потоа и во други земји. Во Епл фокусот го ставаат врз приватноста и безбедноста, при што нагласуваат дека не ги чуваат броевите на картичките и не можат да следат што се купува при трансакциите.