Ескалација –наследство за Трамп во Украина
Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2024
Денес почнува Самитот на Г-20 во Бразил. Германскиот канцелар Олаф Шолц се пожали дека на него не е поканет украинскиот претседател, Владимир Зеленски, кој учествувал на некои од претходните самити. Но и без Зеленски Украина ќе лебди во воздухот на самитот. Ако не по друго, тогаш по она што најавуваат западни медиуми. Американскиот претседател, Џо Бајден, дал согласност за користење на американски ракети од долг дострел за бомбардирање на руска територија. Самиот Бајден вчера го промолчил одговорот на прашањето од еден новинар околу оваа вест. Засега молчат и Пентагон и Белата куќа.
Доколку оваа вест е точна, тогаш во Украина ќе има ескалација на војната. А на тоа предупредил новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, во неговиот наводен разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Кога ја предупредил Русија од ескалација на војната. На желбата на Трамп за мир во Украина ќе влијае токму развојот на ситуацијата на воено поле. Независно дали ќе дојде до ескалација од страна на Русија или пак од Украина. Русија во саботата бомбардираше енергетска и аеродромска инфраструктура во Украина, а сега со дозволата од Бајден и Украина ќе има можност да гаѓа длабоко во руската територија.
„Њујорк тајмс“ вчера објави статија со наслов:„ Бајден и дозволи на Украина да нанесува удари врз Русија со ракети од долг дострел“, повикувајќи се на официјални лица. Се претпоставува дека ракетите најнапред ќе се применуваат за удари врз руски и северно корејски војски во Курската област, тврдат чиновниците. Според весникот решението на Бајден е клучна промена во политиката на САД. Тоа ги поделило неговите советници на два лагера и е донесено на два месеци пред доаѓањето во Белата куќа на новоизбраниот претседател Донлад Трамп. Кој, пак, вети дека ќе ја намали натамошната поддршка на Украина. Според зборовите на истите извори, дозволата за користење на ракетите од долг дострел ATACMS (армиски тактички ракетен комплекс) е дадена на Украинците како одговор на неочекуваното решение на Русија да внесе во борба северно корејска војска.
Ракетите ATACMS Украина ги има добиено поодамна и веќе, според руски извори, ги користеше во напади врз Севастопољ. САД сметаат дека Крим не е руска територија, па оттука и дозволата на Украинците за напади врз Севастопољ. Се зборува дека Украина има стотина такви ракети. Соговорниците на весникот не очекуваат дека решението на Бајден кардинално ќе го смени текот на воените дејства. Сепак, според нив, една од целите на промената на политиката е да се испрати сигнал до Севернокорејците дека нивната армија е ранлива на ракетни напади и дека повеќе не вреди да се испраќаат војници. Овде треба да се каже дека Русија собра многу војска за протерување на Украинците од Курската област. Се тврди дека ги има околу 50 илјади, заедно со десетина илјади севернокорејски војници. Веројатно Бајден, САД и сојузниците се плашат дека Русија ќе успее во една контраофанзива да ги протера украинските војски до 20 јануари, за што веќе се зборува, за да може во разговори со Трамп, територијата на Курската област да не биде дел од некаков пазар за територии. Западот како да сака да ескалира состојбата и да го стави Трамп на тешкотии во евентуални преговори.
МЕДИУМСКИ ТВРДЕЊА
Според „Њујорк тајмс“, некои соработници на Пентагон биле против давањето ракети на Украина, бидејќи резервите во американската армија се ограничени. Некои чиновници од Белата куќа, пак, биле загрижени дека претседателот Путин, доколку се дадат ракети на Украина ќе ја прошири географијата на конфликтот. Застапниците на поагресивна стратегија против Москва тврдат дека претседателот Бајден и неговите советници биле премногу лесно заплашени од непријателската реторика на Путин. Тие веруваат дека премногу бавното зголемување на помошта за Украинците од страна на администрацијата на Бајден ги става во неповолна положба на бојното поле. Поддржувачите, пак, на досегашниот пристап на Бајден веруваат дека тој во голема мера беше успешен во спречувањето на остар одговор од Москва. Но сега со согласноста за изведување удари со долг дострел на руска територија може да ги промени работите. Според Le Figaro, Франција и Британија, исто така дале согласност за користење на нивните ракети од долг дострел. Нo лондонски Times, пишува дека дозволата од САД за користење н американските ракети може да не се однесува британско-француските Storm Shadow. Ова од причина што во нив има американска технологија, па за нивно користење е потребна согласност од САД. Се’ ова се медиумски тврдења, а за официјална потврда ќе треба да се почека некој ден.
Во почетокот на септември WSJ пишуваше дека САД сметале дека користењето од страна на Украина ракети ATACMS за удари врз руска територија нема да влијае врз текот на војната.Тогаш заменикот на прес-секретарот на Пентагон, Сабрина Сингх одбележа дека тие ракети не се способни да ги досегнат аеродромите во Русија од кои се нанесуваат удари врз Украина. Исто така и дека руските авиони се веќе префрлени подалеку, на аеродроми кои не можат да бидат бомбардирани.
Прашањето на американските ракети тогаш беше многу актуелно, па рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека користењето на западно оружје со долг дострел за удари врз Русија ќе значи промена на суштината на конфликтот. Тоа „ќе значи дека земјите од НАТО, САД, европските земји, војуваат со Русија“, рече Путин. Во таков случај Москва ќе „донесе соодветни решенија, тргнувајќи од заканите, кои ќе ни се создаваат“, изјави тој. Според него, ударите на Украина со западно оружје врз територијата на Русија „се блиски до агресија“. Сето ова од причина што Украина не е способна сама да изведува такви удари, а тие се можни само со користење на податоци од сателитите на НАТО, кои Киев ги нема.. А тоа, според Русија, значи вовлекување на Запад во непосредна војна.
Во руското Министерство за надворешни работи, за одлуката на Бајден, портпаролката Марија Захарова, кратко изјави дека:„ Претседателот Путин веќе се искажал по повод давање дозвола на Украина за користење на оружје со долг дострел врз територијата на Русија“. Во Државната дума сметаат дека ударите на американските ракети длабоко на руската територија неизбежно ќе доведат до сериозна ескалација, што може да резултира со многу посериозни последици.
И претседателот на Украина, Владимир Зеленски, ја коментираше информацијата за дозволата од американскиот претседател, Џо Бајден, да напаѓа со западни ракети со долг дострел врз руска територија. Зеленски директно не потврди дека добил таква дозвола. „Денес, многу медиуми велат дека добивме дозвола да преземеме соодветни дејствија. Но, ударите не се задаваат со зборови. Ваквите работи не се најавуваат. Ракетите ќе зборуваат сами за себе. Задолжително “, рече претседателот. Пратеникот во украинската Рада(парламентот), Алексеј Гончаренко, во својот телеграм канал напиша дека веста е добра, дека силата ќе донесе мир, но...„Мораме правилно да ги користиме овие ракети. Особено вреди да се води сметка за позицијата на идната администрација на претседателот Трамп. Ние сме во толку тешка ситуација, одиме по јаже, па во моментов треба да бидеме неверојатно внимателни. Во спротивно ќе има проблеми“.
ЧЕКОР ПОДАЛЕКУ
Луѓето блиски до Трамп, жестоко реагираа на решението на Џо Бајден, меѓу нив и Доналд Трамп – помладиот. „Воено-индустрискиот комплекс, се чини, сака да биди уверен дека ќе почне Трета светска војна, пред појавата на шанса кај татко ми да донесе мир и да спаси животи. Треба да си обезбедат себе си трилиони доходи. Животите никого не го загрижуваат! Идиоти“, напиша тој во социјалната мрежа Х(Твитер). Илон Маск на еден пост дека „либералите сакаат војна“, напиша „тоа е вистина“. И конгресменката Марџори Тјлор Грин го обвини Бајден за обид да започне Трета светска војна. „Американскиот народ на 5 октомври даде мандат против таквите последни решенија на Америка и НЕ сака да финансира или да води странски војни. Ние сакаме да ги решиме своите проблеми“, напиша Грин. Синот,пак, на Џорџ Сорос, Алекс, го нарече решението на Џо Бајден – „одлична новост“.
Дека нешто се подготвува од страна на Западот можеше да се заклучи од зборовите на советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливен. Тој пред некој ден изјави дека Вашингтон, заедно со сојузниците ќе и одговори на Москва со „координирани политички решенија“ за учеството на војници од Северна Кореја во борбите во воената зона. Но очигледно не е останато само на „политички решенија“. Отидено е чекор подалеку, кон воени. Што ќе значи тоа за Русија? Путин во септември најави „носење соодветни решенија“ во зависност од заканите. Кога во 2021 година со писмо се обрати до НАТО и САД за дијалог околу безбедноста на Русија , ширењето на НАТО и сл. По отфрлањето на писмото од страна на адресантите, во Москва од одредени извори беше соопштено дека рускиот одговор на таквиот потег ќе бидат „воено-технички мерки“. Епилог – почеток на агресијата врз Украина.
Западот сега смета дека уште еднаш ќе може да ги прегази руските „црвени линии“. Молчењето на Русија околу другите нејзини „црвени линии“, кои беа прегазувани го сметаа за слабост. И одеа чекор по чекор напред. Дали ова ќе биде последната „црвена линија“ што ќе се обиде да ја прегази Западот? И каков ќе биде одговорот. Некакви „соодветни решенија“.
Главната последица (ако навистина е дадена дозвола) е нагло зголемување на тензиите во односите меѓу Западот и Русија. Веќе рековме дека за Путин, ударите од западните ракети со долг дострел ќе значат директен влез на земјите од НАТО во војна против Руската Федерација. Затоа Русија ја дополни нуклеарната доктрина во таа насока. Москва, исто така, на различни нивоа изјави дека ќе даде некаков воен одговор на ова. Но, дури и ако тоа не се случи, сега дефинитивно ќе биде уште потешко да се договори за брз крај на војната, бидејќи нивото на непријателство меѓу Западот и Руската Федерација нагло ќе се зголеми. И ова, можно е, е главната цел за издавање дозвола.
ЗЕЛЕНСКИ НА ДВА ОГНА
Така, западната „воена партија“, додека Бајден е сè уште на власт во Соединетите држави, се обидува да го направи исклучително тешко склучувањето договор за завршување на војната, што, според медиумските извештаи, Трамп е подготвен да го предложи, откако ќе го преземе функцијата претседател на САД. Издавањето дозволи за ракетни напади е една од последните можности за „воената страна“ да ги наруши овие договори. Дали соодветно решение ќе биде воен одговор од страна на Москва? Не може да се исклучи. Давањето дозвола за ракетни удари врз Русија, според некои аналитичари, е последната можност на „воената партија“ да ги урне договорите што ги сака Трамп.
Доколку дојде до војна меѓу западот и Русија, тогаш тоа ќе значи исполнување на желбата на Зеленски за внесување на НАТО во војната со Русија. Но можеби и желба на сегашната власт во САД, која е шокирана од победата на Трамп и неговите намери за мир во Украина. Доколку дојде до голема војна во наредните 60 денови, се смета дека на тој начин може да биде одложено и инаугурирањето и влегувањето на Трамп во Белата куќа! Но што ако дојде до нуклеарна војна? Тогаш не е важно кои се „партија на војна“, ниту „партија на мир“.
Многу работи овде ќе зависат од Зеленски. Тој сега е на два огна. Пред некој ден рече дека со Трамп ќе се дојде до мир побрзо. А пред некој месец беше кај Бајден со „планот за мир“ во кој една од ставките беше и оружјето и дозволата да се стрела врз Русија длабоко на нејзината територија. Ако направи Зеленски ескалација, тогаш ќе оди директно против намерите на Трамп. А Трамп веќе му е лут за настаните од 2019 година, кога бараше поддршка, но не ја доби. Не знам дали ќе дојде до уште едно „предавство“ од страна на Зеленски. Од друга страна Москва може да издржи два месеци да не ја ескалира војната до нуклеарен судир или трета светска војна, па да дочека Трамп да седне на претседателската фотелја. За да нема проблеми со Трамп, можеби и Зеленски ќе гледа да му угоди нему.
Сето ова се претпоставки. Ситуацијата на военото поле е конкретна. Русите бомбардираат, ли бомбардираат. Постепено освојуваат делчиња од Украина. Таа пак секојдневно удира со дронови врз руска територија и руски фабрики. И прави обиди за освојување на уште некој дел од пограничниот реон со Русија. Колку да има за трговија кога ќе се седне на преговарачка маса. Се надева дека со новите воени единици, што треба да дојдат од обука на Запад, со ново оружје и финансиска помош од Западот ќе има шанси да направи некој пресврт во наредната година. Колку да си го олесни седнувањето на преговарачката маса. Но има еден услов. Трамп да не крене раце од потрагата по мир и да инсистира на негово брзо воспоставување. Но и нему нема да му биде лесно. Ќе мора да води сметка да не се најде во стапицата, наречена ескалација, поставена од власта во заминување.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.