СО МЕХАНИЗАЦИЈА ЌЕ ДОЈДАТ ПРЕД ГРАД СКОПЈЕ: Вработените во „Улици и патишта“ најавуваат штрајк
Објавено во: Македонија 19 Ноември, 2024
Вработените во ЈП „Улици и патишта“ – Скопје најавуваат штрајк пред Град Скопје. Велат дека со механизацијата ќе дојдат пред просториите на Град Скопје. Причина за штрајкот се сериозни проблеми со исплата на платите, но не соопштија кога ќе се одржи протестот. Велат дека претпријатието се соочува со финансиски проблеми.
„Поради лошото менаџирање на двоецот Арсовска – Глигоров и поранешниот директор Ванчо Умленски, претпријатието повторно се соочува со сериозни проблеми во исплатата на личните доходи на вработените“, стои во соопштението.
Причините за актуелната криза вклучуваат презадолжување на претпријатието кон добавувачите на материјали, кое достигнува сума од 240 милиони денари. Вработените тврдат дека покрај неплаќањето на долгот, се врши селективно плаќање на фирми блиски до властите, како што се секретарот и градоначалничката. Дополнително, сметката на претпријатието е блокирана со 10 милиони денари, а извршни решенија за вкупно 40 милиони денари ќе стапат на сила во наредниот период.
Во текот на кризата, работата на претпријатието е дополнително нарушена поради недостиг на основни средства за работа, како што се нафта, ризла и рабници. Вработените тврдат дека градежните машини и возила се со дефекти и не се сервисираат со месеци.