ЕВЕ КАКО ПЛАНИРА ДА РАБОТИ НАЈМОЌНАТА ФАРМАЦЕВТСКА КОМПАНИЈА ВО СЛЕДНАТА ГОДИНА - „Алкалоид“ најавува раст на приходите, добивката, инвестициите и вработувањата
Објавено во: Економија 30 Декември, 2024
Раст на продажбата, на приходите, пораст на добивката за 7 проценти, како и нови инвестиции и вработувања, се неколкуте клучни пилари на кои се темели бизнис планот на фармацевстаката компанија „Алкалоид“ за наредната 2025 година.
Акционерското друштво ги објави своите планови во прецизен документ, и со нив ќе биде запознаена инвеститорската јавност, преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Како што е познато, Алкалоид е компанија која повеќе од осум децении и половина работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи.
Алкалоид е акционерско друштво во чии рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, козметика и билкарство. Има пет капитално поврзани друштва во земјава, како и 22 капитално поврзани друштва и 2 претставништва во странство (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација, Казахстан, САД, Велика Британија и Романија).
Компанијата брои 2.300 вработени во земјава и 730 вработени во друштвата и во претставништвата надвор од Северна Македонија.
Како што нагласуваат од компанијата во својот бизнис план, Алкалоид при извршувањето на своите деловни операции се потпира на највисоките етички норми и стандарди.
„Уверени сме дека етичкото водење бизнис е предуслов за постојан личен и деловен успех. Нашата цел е обезбедување постојаност и подобрување на бизнис-перформансите преку одржување, односно преку зајакнување на позициите на актуелните пазари и преку разумно проширување на нови пазари“, потенцираат од компанијата.
Визија на Алкалоид како глобално ориентирана компанија е да се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција. Постојано сме отворени за градење нови пазари и нови партнерства, а произведуваме и пласираме производи со највисок квалитет, применувајќи најсовремени технологии и деловни стандарди.
Нивната мисија, потенцираат од Алкалоид во својот бизнис план, е постојано да тежнеат кон поздрав свет, супериорен квалитет на производите и на услугите, како и кон висока професионалност и континуиран успех. Императив е заштитата на интересите на вработените, потрошувачите, на акционерите, деловните партнери, како и на сите вклучени страни, а основната определба е „Здравјето пред се“.
Бизнис-планот за 2025 година предвидува консолидирани продажби од над 332 милиони евра, што претставува раст од 8 отсто во однос на очекуваните за 2024 година.
Сегментно, по профитни центри, 90 отсто од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 10 отсто ПЦ Хемија, козметика и билкарство.
Се очекува 32 отсто од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 отсто од извоз.
Планираниот биланс на успех предвидува раст од 9 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA).
Консолидиранaтa нето-добивка, пак, е предвидена со раст од најмалку 7 отсто во однос на очекуваната за 2024 година.
„Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении Алкалоид се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра“, велат од компанијата.
Нагласуваат дека Алкалоид во декември 2024 година регистрираше ново капитално поврзано друштво со назив АЛКАЛОИД ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ Скопје, со цел производство на електрична енергија. Имајќи ги предвид заложбите на компанијата за намалување на јаглеродниот отпечаток во рамките на својата ESG стратегија и напорите за одржлив развој, овој потег е од исклучителна важност во нивното остварување. Проектот предвидува изградба на фотоволтаична централа лоцирана во Гевгелија, со капацитет за производство на електрична енергија од околу 11 илјади мегават-часови на годишно ниво. Со овие капацитети ќе се овозможи од 75 до 85 отсто од електричната енергија која се користи за производствените капацитети на Алкалоид да биде од сопствени обновливи извори.
Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност.
Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, планот за 2025 година предвидува проектирање и изведба на нова микробиолошка лабораторија на површина од 600 м2.
„Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети.
Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи. Бизнис-планот за 2025 година предвидува инвестирање на околу 8 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства“, се вели во бизнис планот кој го објави компанијата.
Истражувањето и развојот во Алкалоид повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, нови технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на Алкалоид, со грижа за заштитата на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа. Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите.
Бизнис-планот во 2025 година предвидува раст од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.
Изминатите две години како стратешки императив и приоритет е поставен воведувањето на Environmental, Social and Governance (ESG-стандардите) за интеграција и за известување во компанијата. Донесени се голем број внатрешни акти кои го систематизираат работењето на сите сектори во согласност со ESG-принципите. Одговорноста спрема животната средина и спрема заедницата се составен дел од секојдневието на секој еден вработен во АЛКАЛОИД, во сите земји каде што имаме воспоставено операции. Во иднина ESG-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира, пренесувајќи се на сите засегнати страни во АЛКАЛОИД со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет.
Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2025 година се очекуваат околу 100 нови вработувања во Алкалоид и во друштвата во странство. Продолжуваат со вложувањата во човечкиот капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен.
Акциите на Алкалоид котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2024 година се движеше од 18.151 до 29.000 денари или просечно 21.715,11 денари за една акција. Цената на акцијата на последната трансакција на 27.12.2024 година изнесуваше 28.299 денари. Пазарната капитализација на компанијата во декември 2024 година изнесува 40 милијарди денари.
Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати.
„Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда
и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции“, нагласуваат од компанијата во својот бизнис план за 2025 година, кој е донесен со одлука на Управниот одбор на седницата одржана на 27 овој месец.