ЕВРОПЕЈЦИТЕ СЕ ПОВЕЌЕ ОДМАРААТ СО ПОМОШ НА ИНТЕРНЕТ – растат онлајн резервациите, еве за каде имаа најголем интерес
Објавено во: Економија 13 Јануари, 2025
Европскиот статистички центар „Евростат“ објави дека низ земјите членки на унијата растат резервациите на ноќевања преку онлајн платформите. Притоа само во третиот квартал од 2024 година е забележан раст од високи 18 проценти на онлајн резервациите.
Статистичарите утврдиле дека најомилени платформи за резеравции се „ Airbnb“, „Booking“, „Expedia Group“ или „Tripadvisor“.
- Во текот на третиот квартал од 2024 година, гостите поминале 366,2 милиони ноќевања на краткорочно изнајмување сместувачки капацитети во ЕУ, резервирани преку Airbnb, Booking, Expedia Group или Tripadvisor. Ова одговара на зголемување од 18 проценти во споредба со истиот период во 2023 година – се нагласува во извештајот на „Евростат“.
Притоа е посочено дека во сите 3 месеци во третиот квартал од 2024 година е забележано зголемување на ноќевањата во сместување резервирани преку онлајн платформи.
- Во јули 2024 година се регистрирани 135 милиони ноќевања, што е зголемување од 16,4 отсто во споредба со јули 2023 година. Во август биле пријавени 152,2 милиони ноќевања резервирани преку платформи што е зголемување од 21,6 проценти во споредба со август 2023 година. Во септември се регистрирани 79 милиони или раст од 14 проценти во споредба со септември 2023 година – се нагласува во анализата.
Оваа информација доаѓа од месечните податоци за сместување за краток престој понудени преку онлајн платформи за третиот квартал од 2024 година на национално ниво, објавени денеска од Евростат.
„Евростат“ утврдил дека сите земји на ЕУ забележаа зголемување на бројот на ноќевања резервирани преку онлајн платформите во август 2024 година, најпрометниот месец во туризмот во ЕУ воопшто, но најголем лидер во резервациите на ноќевања е Малта.
- Најголеми зголемувања на ноќевањата се забележани во Малта со раст од 41,4 проценти во споредба со август 2023 година, потоа Германија со 32,7 отсто и Франција со раст од 29,9 проценти.
Спротивно на овие земји, најмал пораст е забележан во Хрватска со вкупен раст од 9,7 проценти, па следува Бугарија со 12,2 отсто раст и Словенија со 13,6 проценти раст – се наведува во анализата на „Евростат“.
П.О.