„ФИЛИПЧЕ БАР ДА СЕ КОНСУЛТИРАШЕ СО НЕКОГО“: Реакција на Влада за тврдењата на лидерот на СДСМ дека буџетот нема пари за плати и пензии
Објавено во: Македонија 16 Октомври, 2025 08:36
Од Филипче не очекуваме да знае и да биде економист, но одговорноста налага барем да се консултира со некого што разбира бројки, реагира денеска владината служба по неколкукратното повторување од страна на лидерот на опозицијата, Венко Филипче, дека во буџетот нема доволно пари за плати и пензии.
„Очигледно, советниците на Филипче не му ја завршиле домашната задача. Наместо да информираат, тие се обидуваат политички да го излизгаат со неточни податоци за економијата. Владата нема намера да учествува во евтини политички препукувања, но должноста е наша да ги изнесеме фактите. А тие се дека Буџетот е стабилен и ликвиден. Сите обврски кон граѓаните, компаниите и институциите се сервисираат редовно и навремено. Реализацијата на приходите и расходите се одвива согласно планот и годишната динамика, при што најголема активност традиционално се бележи во последниот квартал од годината. Филипче, ова е правило кое секој што барем површно ја следи фискалната политика го знае“, се вели во владиното соопштение.
Од Владата истакнуваат дека се води дисциплинирана фискална политика, дека буџетот за 2025 година е планиран внимателно и со јасна стратегија, со акцент на капитални инвестиции, економски раст и социјална стабилност. Дефицитот е под контрола, јавниот долг е стабилизиран, а задолжувањата се во рамките на законските лимити и насочени кон развој, а не кон популизам. Според истакнатото од Владата, во време на СДСМ, буџетските дупки се полнеа со непродуктивни задолжувања и јавниот долг беше зголемен за над милијарда евра без видлив економски ефект. Денес, зборуваме за одговорна и фискално дисциплинирана политика која создава реални резултати.
„Ова се конкретни факти, не конструкции. Проектираниот буџетски дефицит за 2025 година изнесува 41,4 милијарди денари, што е 3,3 милијарди денари пониско од 2024 година. Реализацијата досега изнесува 36,4 милијарди денари, што е во рамки на планот.
Јавниот долг заклучно со јули изнесува 58,7%, а се очекува до крајот на 2025 година да биде понизок од проектираниот 62,1%. Да го потсетиме ли Филипче дека од година за година го надминуваа овој критериум? Да го потсетиме ли Филипче дека во првите месеци од 2025 година, Министерството за финансии исплати еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2018 година од претходната Влада?
Кога зборуваме за раст на инвестиции и економска активност, капиталните расходи заклучно со 14 октомври изнесуваат 20,8 милијарди денари, што е повеќе за 17,9% во споредба со истиот период лани.
Економијата расте, инфлацијата се стабилизира. Реалниот БДП порасна за 3,4% во второто тримесечје од 2025 година. Стапката на невработеност се намали на 11,5% што е историски најниско ниво. Инфлацијата е стабилизирана на 4% во септември, со тренд на намалување.
Ова се факти, не политички флоскули.
Додека Филипче се обидува да создава паника со манипулации и полуинформации, Владата останува фокусирана на стабилноста, растот и подобрување на животниот стандард на граѓаните“ се вели во реакцијата.
Можеби ќе ве интересира
Желјазков: Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија
Петре Шилегов бара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч
Собранието го изгласа пакетот закони потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“
Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери




