Добивај вести на Viber
Клуб Матица, како дел од активностите предвидени за Саемот на книга, со две активности го проследи вториот саемски ден.
Една од пионерските книги на македонски јазик од областа на претприемништвото, лидерството, носењето одлуки и емоциите при работењето, книгата „Семејни бизниси” на м-р Маја Пехчевска беше главниот наслов на штандот на „Матица“. Авторката потпишуваше примероци за заинтересираните читатели, кои имаа можност покрај потпишана книга, дома да си заминат со дополнителни информации и искуства од струката, кои таа ги споделуваше со нив.
Втората активност имаше социјално одговорна нота која Клуб Матица преку проектот „Читај повеќе –Читај секаде!” ја промовира со вклучување на компании во оваа исклучително значајна
активност за културниот развој на македонскиот народ.
ДИС Архивирај, како компанија која се грижи за општеството во кое делува, во форма на донација им подари книги на децата од Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври”, кои воедно беа и специјални гости на штандот на Матица.
„Многу ме радуваат вакви настани, каде што иницијаторите на дружбата со децата покажуваат интерес да направат нешто што навистина им значи на дечињата, а тоа е самото излегување и дружење со луѓе надвор од домот, како и посета на една културна манифестација каква што е
Саемот на книга. Навистина сме благодарни на ДИС Архивирај и Клуб Матица за книгите кои децата ги добија на подарок. Книгите се уникатно богатство, кое на децата им е потребно во голема количина за да пораснат во здрави и самосвесни луѓе”, изјави директорката на Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври”, г-ѓа Ристенка Атанасовска.
Клуб Матица продолжува со активностите за време на Саемот на книга. Покрај саемските цени на делата, во времетраењето на истиот се предвидени повеќе дружења со авторите чии дела се во издаваштво на Матица, како и дополнителни изненадувања за сите верни читатели на убаво пишаниот збор.