(ФОТО) Откриено спомен-обележје подигнато во чест на празникот Богојавение-Водици во Охрид
Објавено во: Мои пари 06 Јули, 2014
Со пригодна свеченост и голем број присутни охриѓани и гости, во центарот на Охрид, кај градското пристаниште, викендов беше осветено и отворено новото спомен-обележје „Богојавление-Водици“, подарок за Балканскиот Ерусалим од проф. д-р Ванчо Чифлиганец, кум на манифестацијата Водици Охрид, 2012. По осветувањето според православните обичаи на МПЦ, спомен-обележјето симболично, со сечење лента го отворија градоначалникот на Охрид д-р Никола Бакрачески, претседателот на здружението Богојавление-Охрид Љупчо Арнаудов и донаторот проф. д-р Ванчо Чифлиганец, ген. дир. на градежната компанија Адора Инженеринг.
-Спомен-обележјето „Фаќач на крст“ го заслужуваат сите генерации охриѓани кои биле и се дел од прославата Богојавление-Водици, по која Охрид е познат во светот, кај православните верници и туристите кои ја почувствувале величенственоста на овој верско-туристички спектакл.
Идејата за подигнување на спомен-обележјето датира од манифестацијата Водици Охрид, 2012, кога по изборот од страна на Здружението „Богојавление“ да бидам првиот кум на Водици што нема охридско потекло, сакав за довербата да возвратам со донација на нов траен симбол со кој ќе се овековечи овој значаен празник на брегот на Охридското Езеро. Богојавленската радост со кумството беше круна на благословот од традиционалното капење на Водици во осветените охридски, македонски води неколку години по ред, што ми ги донесе најсреќните и најуспешни години во животот. Спомен обележјето „Фаќач на крст“ е посветено на сите фаќачи на животворниот крст на Водици, на сите капачи кои скокаат по крстот и на илјадниците православни верници кои од дамнина до денес ја сочувале богатата Богојавленска традиција во Охрид.“- порача проф. д-р Ванчо Чифлиганец, донатор на споменикот за Водици во Охрид.
-Ова спомен обележје , на самиот брег од нашето езеро непосредно до местото каде илјадници граѓани секоја година чекаат да видат кој ќе го извади крстот од езерото е симболизација на верата православна и богољубието, но и на душата охридска која ја сочувала оваа вековна традиција на фрлање на крстот за Водици низ вековите, од кои поголемиот дел биле мрачни за црквата православна. Неговото поставување ќе е вечен потсетник на славните охриѓани кои го извадиле крстот од езерото по возобновувањето на манифестацијата, но и на оние кои низ годините кога било забрането тоа да се прави, верни на верата и црквата тоа го правеле тајно, или во раните мугри пред зората да го раздени градот. Ова обележје ќе биде и своевиден раскажувач на оваа православна охридска традиција и пред сите патници и намерници кои доаѓаат во Охрид во останатите дни, пред и после Водици. – порача градоначалникот на Охрид д-р Никола Бакрачески, кој од името на градот му искажа огромна благодарност на донаторот проф. д-р Ванчо Чифлиганец кого го вброи во плејадата славни охриѓани.
-Споменикот „Фаќач на крст“ го прикажува тоа што се случува на одбележувањето на празникот Водици во Охрид кога се покрстуваат водите на Охридското Еезро. Ова спомен-обележје е за сите досегашни и идни фаќачи на крстот.- рече Љупчо Арнаудов, претседател на здружението Богојавление-Охрид.
Спомен-обележјето „Фаќач на крст“ е скулптура излеана во бронза, висока три метри, дело на авторот м-р Ангел Коруновски, академски скулптор од Велес, претстава на чинот на вадењето на крстот од осветените езерски води на празникот Богојавление во Охрид, поставена на постамент висок два метри, изработен од релјефен камен-мермер со ранохристијански мотиви и сцени на светиот крст и празникот Богојавление. Споменикот е подигнат со целосна донација на проф. д-р Ванчо Чифлиганец, на негова и иницијатива на здружението Богојавление-Охрид, со одлука на Советот на Општина Охрид и во соработка со локалната самоуправа. Покрај верско и духовно обележје со кое може да се поистовети секој православен верник од Охрид и Македонија и секој христијанин од светот, ова уникатно спомен-обележје во овој дел од православниот свет, заедно со монументалните споменици од богатата историска и културна ризница на древниот градот под заштита на УНЕСКО, како слика и жив спомен ќе патува насекаде низ светот.