ГЕРИЛА АКЦИЈА ВО АЕРОДРОМ: Општината ќе го обели образот на Македонија за Гинис?
Објавено во: Македонија 31 Мај, 2016
На градилиштето каде ќе се реконструира улицата „Методи Шаторов Шарло“, во населбата Аеродром утрово се појави табла на која пишува: „По неуспешните обиди за најголемо оро на светот и најголемо тенџере со грав, Општина Аеродром ќе го обели образот на Македонија“.
Преку оваа герила акција се укажува на реконструирањето кое трае долго време.
„Комитетот на Гинис за поставување светски рекорди на седницата одржана на 23 мај 2016 ја усвои молбата/барањето на Општина Аеродром за заведување на нов светски рекорд во одолговлекување на изградба на улица. под референтен број ref. No/ Guiniis/records007864039567897/sk/mkd комитетот на Гинис потврдува дека улицата „Руди Чаевец“ (по ново „Методиј Шаторов Шарло“) во скопската населба Аеродром, во градот Скопје, во државата Македонија, започната уште далечната 2014. не е ни близу до завршување, со што оваа улица уште недовршена за цели 2 месеци го надминала рекордот кој досега го држеше улицата Мсрн Алам од општината Хакм Бага во истоимениот град од Бијафра која била градена во периодот помеѓу двете светски војни. „Свечента церемонија во присуство на претставници на Гинис ќе се одржи на крстосницата на „Р. Чаевец“ со „К. Новаковиќ“ на 32 мај 2016 со почеток во 19 часот“ - пишува на таблата.
На таблата пишува дека на церемонијата покрај градоначалниците на Аеродром и Скопје свое учество најавија Барак Обама, Папата Бенедикт, Вселенскиот патријарх, Ајтолахот Хомеини, Ники Лауда и Наташа од 3-то три.
Активистите ќе продолжат со реализирање на герила акции во главниот град и другите градови во Македонија.
Досега неколку герила акции беа организирани во Скопје, но и во внатрешноста.