ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ Е ЦЕЛОСНО ТЕХНИЧКИ ПОДГОТЕВЕН ЗА ЗИМСКИОТ БРАН: Во случај на наплив на пациенти ние сме спремни, кажа директорот Костов
Објавено во: Македонија 04 Октомври, 2020
Ако во текот на
есенските и зимските месеци нагло се зголеми бројот на пациенти болни од ковид
и доколку Владата повторно донесе одлука ГОБ „8 Септември“ да биде Ковид-центар,
болницата е целосно технички подготвена за тоа, изјави денска за Фактор,
директорот Христијан Костов.
Тој вели дека во моментов, здравствената установа со која раководи се врати во нормалниот тек на работењето, со редовни прегледи и хируршки интервенции на граѓани кои не се заразени со вирусот.
-Хоспитализирани се само 35 пациенти со ковид, од кои тројца се на респираторна поддршка, а двајца на сипа. Во болницата има централен довод на кислород и граѓаните воопшто не треба да стравуваат, ако има потреба од хоспитализација, ќе бидат примени и третирани како што треба. Од почетокот на септември болницата мораше да се врати на функционирањето како пред периодот на епидемијата, зошто располагаме со најсовремена опрема и апаратура и имаме капацитет за редовни операции и прегледи. Освен тоа, во секој од градовите во болничките установи се создаваат услови за лекување и третман на пациентите заразени со Ковид-19, така што нема потреба и понатаму во ГОБ „8 Септември“ да се примаат толкав број пациенти, вели Костов за Фактор.
Во овој период, како што појаснува тој во нашиот разговор, во болницата се хоспитализираат најтешките пациенти со корона вирусот пред се од другите градови од Македонија, кои претходно биле третирани во тамошните болници, но поради влошена состојба се префрлаат во ГОБ „8 Септември“.
Анита Буховски