„Голф“ извлечен од Вардар, се трага по телата на патниците
Објавено во: Македонија 27 Септември, 2022
Откако возило „голф 4“ со кумановски регистарски ознаки беше извлечено со градежни машини од реката Вардар кај тетовско Желино, полицијата започна потрага по луѓе во водотекот. Претпладне патничкото возило излетало од коловозот на мостот и паднало во реката.
- Во возилото кое е пронајдено и ќе се извлекува од реката, засега не се пронајдени лица. На самото место се јавен обвинител, увидна екипа од СВР Тетово и други полициски службеници, кои ги пребаруваат водите на реката, а повикани ќе бидат и нуркачки екипи од МВР со цел да се пронајде возачот на возилото и евентуално други сопатници. Се расчистува и документира случајот, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Центарот за управување со кризи информира дека кога автомобилот паднал од мостот, реката Вардар била надојдена. Поради брзината, длабочината и заматеноста на водата, возилото во еден дел од речното корито е носено по течението, по што пропаднало и не се гледало од водата.
„Во моментот не може да се одреди дали во возилото имало луѓе и каква е состојбата со истите. Оперативниот центар на ЦУК веднаш оставри комуникација и координација со МВР – СВР Тетово, ТППЕ Тетово, Брза помош Тетово и ДЗС. МВР веднаш испратија нуркачки екипи од специјалната единица и тие се веќе на пат кон с.Желино, додека Дирекцијата за заштита и спасување праќа сопствени екипи за спасување од поплави кои се со седиште во Велес.“, информира ЦУК.